fbpx
ВестиТоп вести

Задругите сериозен предизвик на македонското општество

 

Македонската развојна фондација за претпријатија и претставници на CARE Германија-Луксембург започнаа со информативни средби со  земјоделци, земјоделски стопанства и земјоделски задруги во државата.  Во четири градови низ државата  го претставуваат концептот на здружување и можностите што ги нуди земјоделското здружување.

„Задругите се сериозен предизвик на македонското општество, бидејќи кај нас доминантен е индивидуализмот. Секој сака да биде сам свој газда. Тоа создава проблеми не само на земјоделците  туку и на самото  општество бидејќи најголем дел од македонските земјоделци се со  просечно мали површини и приноси така што единствениот начин да се борат во современиот процес на глобализација , каде големите ги диктираат правилата на игра на пазарите е малите да се здружуваат“, изјави за Зелена берза Лазар Недановски, претставник на Македонската развојна фондација за претпријатија.

Целта е да се претстават предностите од здружувањето во задруги како и можностите за аплицирање за техничка и финансиска поддршка за формирање и за развој на земјоделски задруги во Македонија.

„Задругите се една од формите на здружување. За индивидуалните  земјоделци задругата овозможува исполнување на нивните индивидуални и заеднички интереси. Тоа треба да се гледа како на еден деловен потфат во кој треба да ги сплотува пред се’ економскиот интерес“, вели Недановски.

 

Информативните сесии   се  дел од проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ финансиски поддржан од Европската Унија. Финансиската поддршка изнесува 1 милион евра. Од нив, заинтересираните земјоделци доколку се здружени преку овој проект имаат можност да добијат финансиска подршка од Фондацијата до максимум 80 000 евра , а со само 20% сопствено учество. Фондацијата веќе има објавено два повици, едниот на кој може да аплицираат  веќе постоечки задруги и уште еден за формирање на задруги.

На информативните сесии присутните имаа можност да слушнат хрватско искуство како позитивен пример  за работата на земјоделската задруга Златна долина од Славонија, Р. Хрватска.

„Вистина дека имаме слични проблеми , јас доаѓам од задруга која е формирана од земјоделци.Иницијативата и се она што беше потребно за нејзино функционирање сами го поставивме. Немавме помош од државата, но и покрај тоа што се вели дека нема пречки сепак нема голем интерес за формирање на задруги. Задругата ја формиравме по модел и мотив сличен на земјите од нашето опкружување, Австрија и Германија. Често одевме и учевме од задругите во овие земји и по 10 години меѓусебно дружење одлучивме да формираме задруга“, вели за Зелена берза Мирослав Ковач управител на здругата.

Станува збор за здружување на 15 земјоделци кои се здружиле  уште во 2001 година за сега заеднички да имаат ветеринарна амбуланта, млекарница и продажен простор што освен за нивните потреби се користи и од други земјоделци.

„Нашите очекувања се остварени, што не значи дека сега ни е полесно. Напротив сега треба да го одржуваме она што го постигнавме, Сами се бориме , заеднички излегуваме на пазарите и заеднички ги решаваме сите проблеми“, додава Ковач.

 

Концептот на здружување подразбира напуштање на индивидуализмот, односно верба меѓусебе затоа што членовите во задругата ги спојува заеднички интерес , заедничка работа  и заедничко надминување на проблемите.

 

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close