fbpx
ВестиТоп вести

Задругите станаа акционерски друштва, за нови членови бараат по 1.000 евра

Земјоделците немаат доверба во земјоделските задруги.Клучниот проблем кај задругите е тоа што тие се затворени. Членовите ги гледаат задругите како свое акционерско друштво. Велат јас вложив 5.000 евра и ако сакаш да станеш член треба да дадеш по 1.000 евра на сите пет члена. Концептот на задругарство треба да биде малку поинаков. Суштината на задругарството е демократскиот капацитет, ако немаат демократски капацитет нема да се развиваат

Постои несигурност и недоверба на земјоделците за здружување во задруги. Македонските земјоделци сè уште мислат дека ако го дадат земјиштето во задруга друг ќе располага со нивниот имот и со нивните пари. Задругите во државата се затворени и тешко примаат нови членови и за членство бараат пари што е во спротивност со нивната цел, здружување на земјата и производството, набавка на поевтини препарати, полесна продажба и поголема конкурентност на производите. Ова се главните причини поради кои во државата има само околу 40 земјоделски задруги

-Клучниот проблем кај задругите е тоа што тие се затворени. Членовите ги гледаат задругите како свое акционерско друштво. Велат јас вложив 5.000 евра и ако сакаш да станеш член треба да дадеш по 1.000 евра на сите пет члена. Концептот на задругарство треба да биде малку поинаков. Суштината на задругарството е демократскиот капацитет. Ако немаат демократски капацитет нема да се развиваат. Вие имате задруга која речиси десет години има ист број на членови. Тоа не е задруга тоа е приватен бизнис, вели министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Во државата има Закон за земјоделски задруги и сите задруги се регистрираат по тој закон. Со овој закон им е дадена можност на задругите кои имаат до 10 членови да добијат дополнителни седум отсто субвенции, ако има 20 членови ќе добие дополнителни 15 отсто субвенции. Меѓутоа ниту една задруга не пријавува дека произведува производи.

-Задругите немаат производство. Преку задругите земјоделците само ги продаваат своите производи што значи дека задругата е повеќе како посредник и пак не ја врши својата улога. Како посредник не може да добие субвенција, бидејќи субвенциите се даваат само за производство. Додека пак, индивидуалниот земјоделец си добива субвенции, вели Димковски.

 

Тој објаснува дека постои несигурност кај земјоделците кои потпишуваат договор со кој се обврзуваат дека нивното земјиште ќе биде на задругата, ќе се набавува преку задругата и ќе се продава преку задругата. Тогаш правен субјект е задругата, а не индивидуалниот земјоделец. Нивната психологија е дека ќе ја дадат нивната земја на задруга и потоа не знаат што ќе се случи со неа. Довербата е на многу ниско ниво и треба да се работи на демократскиот капацитет на задругите.

Од МЗШВ истакнуваат дека несигурноста и недовербата на земјоделците во задругите е со години. Работата што треба земјоделците да ги влече кон задругарство е тоа што на пазарот се појавуваат како крупен играч, се здружуваат и имаат поголема количина и поконкурентни цени.

Професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Јован Аждерски, вели дека на земјоделците треба да се укаже на предностите кои ќе ги имаат доколку се здружат во задруги.

-Далеку сме од современо задругарство и треба да го користиме светското искуство од земји како Франција, Ирска, Холандија. Кај нив над 50 отсто од земјоделските производи, набавката на заштитни средства, механизацијата, преработката, одат преку задругите. Земјоделците мора да ги сфатат значењето и улогата на задругите. Задругите се нешто меѓу приватниот и општествениот сектор, претставуваат еден вид економско претпријатие што третира социјала, вели професорот.

За разлика од Македонија, во Европската Унија дури 40 отсто од земјоделската дејност одат преку земјоделските задруги. Од делегацијата на ЕУ посочуваат дека задругите се важен сегмент на европската економија и додаваат дека во Унијата има 22 илјади задруги, со 6,2 милиони членови и годишен обрт од 350 милијарди евра.

Извор: Вечерпрес

Слични написи

Back to top button
Close