fbpx
ВестиМакедонија

Енергетската транзиција веќе се одвива, ќе има економски и еколошки бенефити

Заев: Наша цел е да ја направиме државата една од оние европски земји кој од доминантно застапени фосилни енергенси се пренасочија кон енергетски капацитети кои ќе го користат Сонцето, ветерот, водата и природниот гас, порача денеска премиерот.

Енергетската транзиција на земјава е процес кој се одвива, а со цел да се обезбеди стабилност на електроенергетскиот систем целиот процес оди постепено. Наша цел е да ја направиме државата една од оние европски земји кој од доминантно застапени фосилни енергенси се пренасочија кон енергетски капацитети кои ќе го користат Сонцето, ветерот, водата и природниот гас, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Тоа, како што рече премиерот на денешната прес-конференција во Владата, подразбира примена на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика како најприфатливо за развој на земјата кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефити. Како приоритетни проекти за годинава кои треба да ја раздвижат економијата ги посочи хидроелектраната „Чебрен“ за чија изградба кон крајот на минатата година се појавија неколку заинтересирани инвеститори. Првата фаза на селекција на понудите веќе помина и од 10-те понудувачи, девет поминаа во наредната фаза за проектот вреден помеѓу 600 и 800 милиони евра со инсталирана моќ од 330 мегавати.

– Користењето на обновливите извори на енергија и замената на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки приоритети. Во таа насока развиваме сериозен енергетски стратешки план. Една  од точките на „Акција 21“ покрај животната средина е и енергетиката, рече Заев.

Тој нагласи дека во последните три години интензивно се инвестира во гасификацијата на земјата, се планираат и се инвестираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште и ќе се создава фонд за енергетска ефикасност за реализација на проекти пред се во јавниот сектор.

– Целта е во наредните пет години да се влезе во инвестициски циклус кој ќе обезбеди земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор. Се планира до 2026 година да биде заменет првиот блок од РЕК „Битола“, кој работи на јаглен со фотонапонска електрана. До 2026 година РЕК „Битола“ ќе го исклучи првиот блок за да го заемени со когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола. Другите два блока ќе се модернизираат до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење и ќе им се подобри еколошката прифатливост за да ги задоволат европските стандарди, посочи премиерот.

Дополнително, додаде тој, се поставуваат нови 62,5 мегавати фотоволтаици кои се во фаза на изградба по пат на јавно-приватно партнерство, а успешно е завршен и првиот дел од постапката на 100-мегаватна фотонапонска електрана во некогашниот рудника за јаглен во ТЕЦ „Осломеј“, каде државата учествува со најмалку 10 проценти. Се очекува во март да се избере партнерот кој ќе ги гради. Се планира и претворање на ТЕЦ „Неготино“ во гасна електрана и зголемување на моќта на ветерниот парк „Богданци“, како и изградба на ветерен парк во Миравци, а во близина на сите постоечки производни објекти на АД ЕСМ ќе се градат фотоволтаични  електрани.

– Наскоро во земјава ќе има вкупно 372 километри гасовод од преносната мрежа. До крајот на годинава е планирано да се изградат 274 километри гасовод. Веќе е изработен проектот за продолжување на гасоводот од Гостивар до Кичево, а во фаза на изработка се деловите од Кичево до Охрид и од Охрид до Битола со што целосно ќе се затвори гасоводниот прстен и ќе се обезбеди стабилност на системот. Наскоро треба да се гради интерконекторот со Грција, проект вреден 54 милиони евра, што ќе обезбеди енергетска независности диверзификација на гасот во државата. Се планира и изградба на интерконектор со Косово и со Србија, со што преку земјава ќе се транзитира гас што ќе придонесе за намалување на цената на гасот, посочи Заев.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски информира дека РЕК „Битола“ вчера склучи договор со неколку економски оператори за набавка на сопствена опрема за ископ на јаглен за непречено производство на електрична енергија. Вкупната вредност на инвестицијата е 1,080 милијарди денари или 17,55 милиони евра, а од објавените 47 парчиња механизација се набавуваат 36, а за останатите веднаш ќе се објави нов оглас. Со новата механизација ќе има пониски трошоци на ископ за 30 проценти. Годинава, како што нагласи Ковачевски, ќе се набави и циклична механизација за ископите во РЕК „Битола“, за чија набавка се предвидени 26 милиони евра.

– Производството на електрична енергија со што помала емисија на гасови е долгорочна цел на која ние работиме сега и веднаш и вложуваме преку сите наши проекти. Енергетската трансформација кај нас е веќе почната преку проектот „Осломеј“ и неговата трансформација од капацитет кој има производство на јаглен во капацитет кој ќе произведува електрична енергија од Сонце. Изградбата на првата од трите фотонапонски електрани е веќе почната, а останатите се во тендерска процедура. Целиот нов капацитет ќе има инсталирана моќност од 120 мегавати, што е еквивалент на сегашното производство на РЕК „Осломеј“, рече Ковачевски и додаде дека се предвидува и во РЕК „Битола“ во следните неколку години да се изградат фотонапонски електрани со инсталирана моќност од најмалку 160 мегавати и когенеративна електрана во рамите на комбинатот со моќ од  250 до 400 мегавати.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close