Во шест општини е објавен оглас за закуп на нови 860 хектари државно земјоделско земјиште. Парцели кои се нудат се до три хектари, а предност за закуп на овие површини има населението во близина на нивите, односно земјоделците кои ќе произведуваат едногодишни и повеќе годишни култури.
Вкупно на огласот се понудени скоро 860 хектари во Неготино, Берово, Пробиштип, Кисела Вода, Кичево и во Прилеп. Нивите можат да се користат за одгледување на едногодишни и повеќегодишни култури, за лешници и за рибници. Времетраењето на закупот е од 15 години до 70 години.
Право на учество на јавниот оглас имаа лицата кои немаат склучено важечки договор за закуп со Mинистерството за земјоделство, а максималната површина за која може да се конкурира е до три хектари.
Изборот на најповолен понудувач се врши врз основа на највисока понудена годишна закупнина за хектар, а предност односно најголем број бодови ќе има населението во близината на земјиштето.
Почетната цена на закупот за хектар се утврдува во зависност од местоположбата и од катастарската класа.
Понудите се поднесуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас.