Жалбите за експропријацијата може уште повеќе да го поскапат автопатот Кичево – Охрид
Стотиците судски постапки што ги водат поранешните сопственици на земјиштето на кое се гради автопатот Кичево – Охрид се закануваат дополнително да ја зголемат цената на 57- километарската делница. Мнозинството од нив не се задоволни од сумата што ја добиле од државата за експропријација, која како што велат, е неколкукратно пониска од пазарната. За најатрактивните локации добивме по 20 евра од метар квадратен, а вредат најмалку двојно повеќе, вели адвокатот Владо Чингоски, кој бил сопственик на три парцели.
„Во Дебарца е најкатастрофално. Таму се проценува 30-40 денари за метар квадратен. Дали тоа го има? Јас тоа и малку саркастично го кажувам дека 30-40 денари е една мала Кока Кола, едно мало шише Кока Кола во продавница, не во кафуле да можеш да го купиш.“ – изјави Владо Чингоски, адвокат
Првично им биле ветени повисоки цени, но по неколку месеци тие биле значително намалени. Како резултат на тоа, голем дел од поранешните сопственици на земјиштето покренале постапки пред Охридскиот суд уште пред четири години. Ангажирале и вештаци кои изготвиле елаборати за пазарната вредност на нивните ниви.
„Охридскиот суд ги прифаќа цените кои што се дадени од вештите лица. Апелација ги враќа неосновано. Очекуваме дека сега ќе ги прифати оние цени кои што се утврдени како пазарни цени од страна на вешти лица.“ – додава Чингоски
Во законот за експропријација јасно е прецизирано како се утврдува надоместокот за експропријација на земјиште.
„За експроприраната недвижност припаѓа праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста.“ – гласи Законот за експропријација
Според проектната документација, автопатот Кичево – Охрид требаше да чини 270 милиони евра. При потпишувањето на договорот на Владата на ВМРО ДПМНЕ со кинеската „Синохидро“ неговата цена порасна за 100 милиони евра. Најновите претпоставки се дека конечната сметка може да биде повисока за дополнителни 100 милиони евра.