Замрзнување на цени и помош за најсиромашните – мерките да се донесат што поскоро
Владата најави дека во наjскоро време ќе креира мерки за ублажување на последиците од најдлабоката криза во современата историја
Македонија не е имуна на последиците од кризата во Украина. Секојдневно сме сведоци на нови поскапувања кои го „тенчат“ стандардот на македонските граѓани. Владата најави дека во наjскоро време ќе креира мерки за ублажување на последиците од најдлабоката криза во современата историја, пренесува https://faktor.mk/zamrznuvanje-na-ceni-i-pomosh-za-najsiromashnite–merkite-da-se-donesat-shto-poskoro.
Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за меѓународни економски студии вели дека државата треба да напрви пред сѐ две работи – да ги замрзне цените на храната и нафтените деривати, и да им даде финансиска помош на најсиромашните и најпогодените од кризава. Објаснува дека време за чекање нема.
„Владата ги замрзна цените на храната лани на крајот на годината, и тоа беше исправна одлука, но сега ги одмрзна, т.е. премина кон лимитирање на маржата, што гледаме дека доведе до ново поскапување. Треба или да се врати на замрзнувањето на цените, или, доколку не отстапуваат од лимитирањето на маржите, маржите да бидат поставени на 0%. Било каква позитивна маржа е погрешна – зошто да се дозволи големите ланци на супермаркети, кои прават милионски добивки дури и во оваа криза, да продолжат да профитираат, во ситуација која мнозинството граѓани тоне во сиромаштија? Уште поважно е Владата да ги замрзне цените на нафтените деривати, иако веќе се доцни со ова, и цените скокнаа до небо. Замрзнувањето на цените на горивата е уште пооправдано од замрзнувањето на цените на храната, затоа што со тоа практично се даночат само неколку големи фирми од нафтениот бизнис, кои се меѓу најпрофитабилните секоја година. Нафтените деривати се и инпут во производството за многу други производи, па со нивното замрзнување спречувате да поскапат и другите производи. Во регионот, Србија, Бугарија и Хрватска го направија ова, некои од нив уште лани, а во ЕУ, тоа го направија 10-ина држави, многу повеќе отколку што замрзнаа цени на храна“, вели Јовановиќ.
Објаснува дека освен замрзнување, т.е. регулирање на цените, Владата треба да даде и специјални субвенции за најсиромашните и најзагрозените. Како пример ја спомена Австрија, но слични мерки преземаа и многу други земји во ЕУ. Граѓаните неодамна правеа залихи со брашно, масло за јадење, и други производи, со цел да заштедат, но и да бидат сигурни дека ќе имаат доволно храна во наредниот период. Дури откако беше најавено дека горивата поскапуваат, колони возила имаше на бензинските станици низ градови во Македонија. Јовановиќ вели дека трупањето залихи може да има некоја оправданост за најсиромашните слоеви, затоа што со тоа можат да заштедат нешто.
„На пример, ако се направат залихи во износ од 5.000 денари, а цените скокнат за 10%, сте заштедиле 500 денари, што не се мали пари за сиромашните. Но, во суштина, трупањето залихи е панична и ирационална реакција на луѓето во кризни ситуации, која им дава одредено чувство на сигурност“, вели Јовановиќ.
М-р. Мартин Новески, претседател на Здружение на економисти, статистичари и економетричари СИГМА СТАТ Скопје вели дека стапката на инфлација во земјава, главно под влијание на растот на цената на енергенсите на светските берзи, како и поради нарушувањата во глобалните синџири на снабдување, и натаму расте.
„Последиците од растечката инфлација најмногу ги чувствуваат најсиромашните слоеви на населението, при што доаѓа до натамошно зголемување на социјалната нееднаквост. Со цел делумно ублажување на последиците од растот на цените, пред се на прехранбените производи и нафтените деривати, како и од страв од прелевање на воените дејствија од Украина, граѓаните панично создаваат резерви на храна и нафтени резерви. Сметам дека ваквото однесување нема значително да ја подобри економската состојбата на граѓаните, туку напротив, дека истото ќе придонесе кон натамошно зголемување на општото ниво на цени и активирање на инфлациската спирала. Во вакви кризни времиња неопходна е државна интервенција, преку фискалната и монетарната политика. Сепак, во услови кога јавниот долг во државата вртоглаво расте, а се зголемува и притисокот врз Народната банка за одржување на стабилноста на девизниот курс, се поставува прашањето со колкав простор за маневар располага државата со цел ефикасно справување со последиците од кризата“, вели Новески.
Министерот за економија Крешник Бектеши ја поддржа одлуката на дел од ланците на маркети во државата кои што донесоа одлука за време на криза да ги задржат цените на лебот од 25 до 27 денари. Тој повика на солидарност.
„Ги повикувам и другите маркети да го следат овој пример во време на криза да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови, а Владата подготвува мерки за да се ублажи кризата“, порача министерот Бектеши.
Трошоците за живот и цените на производите и енергенсите се во постојан раст, а расте и стапката на инфлација, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Ако се споредат јануари и февруари оваа година, во февруари трошоци се зголемиле за еден отсто, цените на мало за 1,2 отсто а инфлацијата за 1,3 отсто. Споредено со истиот период лани растот на цените на мало е над 8 отсто а кај трошоците за живот над 7 отсто. Најмногу поскапеле горивата и маслото за јадење.
Со просечната плата во Македонија можете да купите најмала количина на гориво меѓу земјите од регионот. Кога станува збор за дизел гориво, со една просечна плата во Македонија може да се купат само 342 литри.
Од месец во месец се потребни сѐ повеќе пари за живот. Минималната синдикална кошничка за февруари изнесувала 36.146 денари и е повисока за 335 денари во споредба со јануари годинава. Од нив за исхрана и пијалаци одат 15.440,48 денари или 42,72 отсто.
На светските берзи цените на нафтата се на највисоко ниво од 2008 година.