fbpx
ВестиСоветиТоп вести

Заштита на житните култури во производни услови на Р. Македонија

 

Житните култури имаат големо економско значење за Република Македонија, скоро 81% од обработливата површина во Р.М. се под житни култури, т.е. тие се одгледуваат на површина од 160 988 ha (според Државниот завод за статистика на Р.М. (2012/14)). Од кои пченицата е на прво место од житните култури. Заштитата на стрните жита од плевели, болести и штетници е процес кој се одвива во текот на целата година. Навремената заштита го зголемува квалитетот и квантитетот на родот. Плевелите се најзначајниот проблем во производството на стрни жита, а од многу голема важност е нивното навремено сузбивање. Самите производители треба да одлучат за потребата, начинот и времето на сузбивање на плевелите. Од голема важност е да се познава самата производна површина како и степенот на заплевеленост од поедини плевели (застапеност на едногодишни и повеќегодишни, широколисни и класести плевели).

Според некои истражувања, штетите од плевели на посеви од озими житарици, каде не се сузбиваат плевелите, може да го намалат приносот и до 70% (пченица и јачмен). Исто така не смееме да ги занемариме и штетите причинети од: полегнување на посевот, напад од болести и штетници, отежната жетва итн. Житните култури најосетливи на плевели се во фаза на братење, и поради оваа причина најдобро е нивното сузбивање да се изврши точно во оваа фенофаза од развојот на културата.

Од класестите (едногодишни и повеќегодишни) плевели кои се јавуваат во житните култури поважни се: обична ливадарка (Poa trivialis), обична ветрушка (Apera spica venti), лисичина опашка (Alopecurus myosuroides), пролетно просенце(Milium vernale), полска класатка (Bromus arvensis), див овес(Avena fatua), обично влакнесто просо (Echinocloa grus cali), мухари (Setaria sp.) и други.

Од широколисните (едногодишни и повеќегодишни) плевели поважни се: полски  вртипоп (Anthemis arvensis), лепавец(Gallium sp.), куландра-смрдлива трева(Bifora radians), нивска повивка(Polygonum convolvulus.), паламида (Cirsium arvense), слачец (Convolvulus arvensis), камилица (Matricaria chamomilla), глушина (Vicia sp.), булка (Papaver rhоeas), нивски какол (Agrostemma githago), обична овчарска торбичка (Capsela bursa pastoris)  и други.

Пред донесување на одлука за примена на хербициди треба обавезно да се изврши контрола на секоја нива по однос на присуството на плевели, видот на плевелите, како и фазата на развој на посевот.

Примената на хербициди можеме да ја поделиме во три категории:

  1. Пред сеидба (pre – sowing)
  2. По сеидба а пред никнење (pre – emergence)
  3. По никнење на културата и плевелите (post – emergence)

 

Во есенскиот период препорачливо е да се употребуваат хербициди кои имаат широк спектар сузбивање и долго делување, такви се хербицидите кои се употребуваат по сеидба а пред никнење на културата: Stomp aqua (pendimethalin 455 g/l) во доза од 3 l/ha.

При изборот на хербициди кои се употребуваат по никнење на културата и плевелите (post – emergence), треба да се внимава на следниве нивни карактеристики:

  1. Брза апсорпција
  2. Флексибилност во примената од аспект на температурна независност
  3. Можност за мешање со други хербициди, фунгициди, инсектициди и фолијарни ѓубрива.

Хербицидите според нивната намена може да бидат поделени на: хербициди за сузбивање на класести, широколисни и хербициди за сузбивање на двете групи на плевели.

За сузбивање на класести плевели во озима пченица, озими р’ж и озимо тритикале (див овес(Avena fatua), обична ветрушка (Apera spica venti), лисичина опашка (Alopecurus myosuroides),полска класатка (Bromus arvensis)) во Р.М. повеќе години на нашиот пазар е добро познатиот хербицид специјалист за сузбивање на дивиот овес: Pallas 75 WG (pyroxsulam) кој се применува од фаза на 2 листа на есен до формирање и видливо второ коленце на пролет (BBCH 12 – 32), во доза од 250 g/ha + Dassoil 26 – 2N во доза од 0,5 l/ha.

Сл. 1 Bromus arvensis – Полска класатка

 

Сл.2 Avenafatua – Див овес

 

За сузбивање само на широколисни плевели во озима пченица, озимен јачмен, пролетен јачмен и пролетен овес (паламида (Cirsium arvense), камилица (Matricaria chamomilla), булка (Papaver rhоeas),обична овчарска торбичка (Capsela bursa pastoris), нивска повивка(Polygonum convolvulus.),нивски какол (Agrostemma githago)) може да се употреби хербицидот:

Lancelot super (aminopyralid 300 g/kg + 150 g/kg florasulam)кој се применува од фаза на 2 листа до видливо второ коленце (BBCH 12 – 32)во доза од 33 g/ha. Идеален танк микс партнер на овој хербицид е Pallas 75 WG.

 

Сл. 3 Нивска паламида (Cirsium arvense) третирана со Lancelot super

Во озима пченица, озимен јачмен, пролетна пченица и јачмен за сузбивање само на ширколисни плевели се препорачува примена на хербицидот Lontrel 100 кој ја содржи активната материја clopyralid и тоа 100 g/l активна материја, може да се примени од фаза на братење до појава на второ коленце во доза од 1,25 l/ha.  За сузбивање на широколисни плевели и за намалување на заплевеленоста од некои повеќегодишни широколисни плевели (паламида (Cirsium arvense) полски слачец (Convolvulus arvensis)) може да се примени хербицидот Mustang, кој е комбинација од две активни материи: 6,25 g/l florasulamи 452 g/l 2,4 D во форма на 2 – ethylhexylестер. Се применува во доза од 0,4 – 0,6 l/ha од почеток на братење до видливо прво коленце (BBCH 21 – 31), а широколисните плевели се во фаза на 2 – 6 листа.

Додека за сузбивање на едногодишни и повеќегодишни теснолисни и широколисни плевели во пченица, тритикале и р’ж се препорачува хербицидот Genius WG, кој подеднакво ги сузбива две групи на плевели. Овој хербицид е комбинација од три активни материи: aminopyralid 50 g/kg + pyroxsulam 50 g/kg +  florasulam 25 g/kg. Се применува од почеток на братење до појава на второ коленце (BBCH 21 – 32)во доза од 0,2 kg/ha. Едногодишните широколисни плевели треба да се во фаза на 2 – 4 листа,  а едногодишните класести плевели во фаза на 1 – 3 листа.

Болестите со сигурност секоја година ни одземаат дел од приносот, прашање е само во кој интензитет се појавиле и колкави се штетите.

Размислувањето на индивидуалните земјоделци од типот “можеби оваа година нема да има болести” е контрадикторно на фактот дека болестите се јавуваат секоја година, само прашањето е во колкав интензитет, за таа цел потребно е да се прифати заштитата од болестите како редовен и вообичаен третман во производството се со цел на добивање на стабилни приноси.

Раната сеидба и брзиот развој индицираат појава на пепелница и мрежавост на јачменот во однос на пченицата. Препорачливо е во текот на контролата на посевот, покрај плевелите, да се посвети внимание и на состојбата на листот и стеблото. Доколку се потврди појавата на болести на листот, потребно е веднаш да се пристапи кон третирање со фунгициди.

Најзначајни болести на житариците се: причинители на рѓи  (Puccinia sp.)., фузариозни заболувања (Fusarium sp.), пепелници (Erysiphe sp.)., мрежеста дамкавост на јачменот (Helminthosporium teres), сива дамкавост на листот на јачменот (Rhynochosporium secalis).

До пред триесетина години веројатно посевите не требаше да се заштитуваат од болести, штетници и плевели. Во пракса тоа не е баш така. Времето се менува, а со него и навиките. Да може добро да се заштити,  треба добро да се познава проблематиката, во принцип – зошто и на кој начин болестите, штетниците и плевелите се појавуваат. Природата си го прави своето, но ние како агрономи можеме да помогнеме  при одгледувањето на пченица т.е. на производителите и државата да се намали  негативното влијание од болестите и штетниците, а ние да добиеме поголем, квалитетен и стабилен принос.

Сл.1 Пченица во никнење (извор: https://www.agro.basf.rs/agroportal/rs/media/migrated/basf_bro_ure_2014/Zastita_psenice_-_web_preview.pdf)

 

Во наши производни услови во првиот дел од вегетацијата на житните култури, од болестите економски најзначајни се: пепелница, рѓа и лисна дамкавост.

Сл.2 Пепелница кај пченица (Erysiphe sp.)

(извор: https://www.agro.basf.rs/agroportal/rs/media/migrated/basf_bro_ure_2014/Zastita_psenice_-_web_preview.pdf)

 

Пепелницата се јавува секоја година, обично во пораните фази од развојот, но доколку го зафати листот заставичар и евентуално класот, прави големи штети. Затоа пепелницата како болест мора да се држи под контрола.

Сл.3 Рѓа кај пченица (Puccinia sp.)

(извор: https://www.agro.basf.rs/agroportal/rs/media/migrated/basf_bro_ure_2014/Zastita_psenice_-_web_preview.pdf)

 

Рѓата се јавува во услови на влажно време. Опасна е бидејќи прави рани во вид на дамки (‘рѓи) на стеблото и листот, кои на горната страна на листот се отворени и низ нив пченицата губи вода.

Сл.4 Лисна дамкавост (Septoria sp.)

(извор: https://www.agro.basf.rs/agroportal/rs/media/migrated/basf_bro_ure_2014/Zastita_psenice_-_web_preview.pdf)

 

Дамкавоста на листот и стеблото исто така го намалуваприносот, но доколку пченицата полегне во тој случај данокот на штета е огромен.

Веќе на почеток од пролетта се активираат и инсектите и доаѓаат од местата на презимување и бидејќи посевите од пченица се единственотонешто што е зелено во тој период од годината,адултните форми на житна пијавица (Lemamelanopus), лисни вошки (Sitobionavenae), јачменов и пченичен трипс (Limothripsdenticornis; Limothripscerealium), житни стеници (Eurygaster spp.).

За сузбивање на штетниците во житните култури се препорачува употреба на инсектицидите Fastac®10 EC(alpha – cypermethrin 100 g/l) во доза од  0,125L/ha или Polux (deltamethrin 25 g/l) во доза од 0,2 – 0,25 L/ha.

Поради честата појава на болести и штетници во житните култури, рано на пролет со редовната примена на хербициди се препорачува и примена на инсектициди и фунгициди. Препорачана комбинација: Duett Ultra: 0,4 L/ha + Fastac 10 EC: 0,125 L/ha + Mustang: 0,6 L/ha. Ова т.н. рано пролетно третирање на житните култури најдобро е да се изврши до фаза на прво коленце.

Што е фузариозно заболување на класот?

Тоа е габично заболување на пченицата кое значително го намалува приносот и квалитетот. Преку 20 % во поедини години. Болеста се јавува и го започнува својот развој во фаза на цветање на пченицата. Во Македонија тоа е периодот во првата половина на месец мај.

Цветот на пченицата е како отворена рана, а воедно и влезна врата за оваа габа.

Габата се развива на штотуку формираните млечни зрна пченица.

Заразени зрна се штури, со видлива розе превлака. Зрната имаат помала хектолитарска маса и помал квалитет бидејќи габата испушта микотоксини кои го намалуваат технолошкиот квалитет на зрното, така да често пченицата не е за исхрана на луѓето.

Во класот се наоѓаат здрави и заболени зрна, а најчесто цел клас е зафатен и тогаш штетите се најголеми. Болеста се јавува секоја година, ја активараат чести, не обилни дождови и рано утринска магла кои се чести во првите денови од месец- мај. Истовремено рѓата, пепелницата и дамкавоста на листот и стеблото ја напаѓаат пченицата така што можат да бидат закана за намалување на приносот.

Сл. 5 Фузариозно заболување на зрното од пченица (извор: https://www.agro.basf.rs/agroportal/rs/media/migrated/basf_bro_ure_2014/Zastita_psenice_-_web_preview.pdf)

 

За сузбивање на ова сериозно заболување се препорачува житните култури да се третираат на почеток од цветање кога ќе формираат 15-20 % од прашниците. Одлично решение за ова сериозно заболување е фунгицидот Duett Ultra, во доза од 0,5 L/ha + инсектицидот Fastac 10 EC во доза од 0,125 L/ha. Duett Ultra e двокомпонентен фунгицид (epoxyconazol+ thiophanate methyl) каде едната активна материја делува на болести на листот и стеблото, а другата на фузариозните заболувања.

Најважно е третирањето да се изврши во право време, да не се задоцни. Количината на течност за прскање мора да биде поголема но не помала од 200 L/ha.

Генерално второто третирање на житните култури треба да се изведе во фаза на цветање или непосредно пред цветање на житните култури.

 Сл. 6 Шематски приказ на примена на фунгициди, хербициди и инсектициди во житни култури.

 

Автор: м-р Петковски Ефтим

 

Хемомак Пестициди ДООЕЛ – Велес

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close