fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Оризовите полиња желни за млади земјоделци

Нема млади на полињата со ориз. Младите земјоделци не сакаат да  се занимаваат со оризопроизводство поради  проблемите со откупот, ниските цени... Одамна  оваа гранка  не е веќе профитабилна, иако кочанскиот крај е познат по оризот.

 

Кочанските полиња под ориз желни се за млади земјоделци, а нив речиси и ги нема, барем не, оние кои се заинтересирани за новата реколта. Ова го потврдуваат и од  Земјоделскиот институт во Кочани, што  досега  не било пракса минатите  години. Проф. д-р Добре Андов  е разочаран  од состојбата која е загрижувачка за опстанокот  на овој бренд на истокот. Вели состојбата е речиси иста во сите земјоделски гранки.

-За жал кај нас се помалку има земјоделци, а уште помалку може  да се  најдат млади земјоделци. Се помалку младите луѓе се заинтересирани за  земјоделството, бидејќи земјоделството е една од потешките гранки во стопанството, а и не само што е тешка како гранка за работа, туку и профитите се многу мали. Така помладите луѓе кои познаваат други вештини повеќе се одредуваат за други работи, а помалку да се вклучени во самото производство на земјоделските култури, па и на оризот, вели Андов.

Во источниот дел од земјава просечната старост на земјоделците е педесет години, зашто младите повеќе не сакаат да ги обработуваат нивите кои  со години ги обработувале  татковците и нивните дедовци?  Реалната слика  од теренот  со зборови  ја преточи и претседателот на Здружението на оризопроизводители, Здравко Арсов.

-Нема млади  на полињата со ориз. Повеќето и не сакаат да  се занимаваат со оризопроизводство поради  проблемите со откупот, ниските цени. Одамна  оваа гранка  не е веќе профитабилна, иако кочанскиот крај е познат по оризот. Работите не стојат добро, а и  ако нема вода тешко дека повеќе ќе се сее оризот. Уште една две генерации ќе садат потоа ќе се повлечат. Оваа година од 20 до 30 отсто ќе се посее помалку ориз, вели Арсов.

Институтот за ориз во Кочани чека инвестиции од државата

Некогаш  во Институтот за ориз во Кочани  се произведувале по 1.000 тони семенски материјал. Сега кубури  со опрема и кадар. Повеќе од дваесет и пет  години, според Андов не е инвестирано  во ова државна институција  која функционира во рамките на  УКИМ. Поради ова стопирани се, или речиси  воопшто нема  реализација на проекти за кои е потребна нова опрема. Последна  опрема е донација  од турската компанија Тика, истакнува Андов. Тој смета  дека  без  државна помош вработените во оваа институција не можат да  постигнат многу и да презентираат  резултати  од научно-истражувачката дејност  од областа на  оризопроизводството. За симпозиуми, учество на конгреси и за промовирање на своите  научни  трудови одвојувале средства  од сопствените приходи.

Две децении оваа  институција е  со тројца вработени од  кои двајца редовни професори и еден правник. Од  Министерството за земјоделство, лани најавија  средства од Програмата за рурален развој за реконструкција  на дотраениот објект  и  нови  инвестиции во опрема. Тоа досега не се случи.

 

Јулија Малинова

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close