Вести
Заврши извозот на млад кромид од велешко Башино Село за Хрватска
Од велешкото Башино Село за Хрватска тргна последниот од седумте договорни шлепери со млад кромид. Извозот започна пред една недела, а завршува непосредно пред католичкиот Велигден кога и секоја година е главниот извоз на млад кромид.
Откупот со шлепери го вршат струмички компании, а во соработка со хрватски „Конзум“ кој потоа го пласира во градовите во Хрватска.
Откупот на млад кромид од велешко Башино Село за Хрватска по цена од 50 денари за килограм, иако е помала цена од ланската која изнесуваше 80 денари за килограм, сепак се задоволни, велат производителите од ова село.
Како што потенцира производителот Ѓоре Димов од Башино Село, благата зима и отсуството на дождови влијаело годинава да наберат помали количества млад кромид.
Башино Село со околу 200 куќи и околу илјада жители се занимава со производство на млад кромид. Кромидот порано се извезуваше и во Србија, Косово, Бугарија, Албанија,како и дел во Украина и Русија.
Очекуваат да падне цената по католичкиот Велигден, а до правозлавниот да го продадат своето целокупно производство од околу 400 тони.