Заврши вакцинацијата против јазлеста кожа во Струмичко
Вакцинацијата на говедата против болеста јазлеста кожа, спроведена од Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, во Струмичко, заврши, соопштија од Агенцијата за ветеринарство и храна. Преку нивните матични лекари се вакцинирани сите здрави грла добиток на територијата на Струмичко. Говедата, кај кои е откриена болеста јазлеста кожа, се предадени на колење.
Пред да се спроведе вакцинацијата кај животните, во периодот пред 24 мај, на земјоделците и на сточарите им беа одземени и здравите и болните грла добиток и беа однесени на колење заради превенирање од болеста. Деновиве сопствениците на одземените животни се обесштетени. Такви случаи имаше во селата: Моноспитово, Нова Маала, Муртино, Свидо вица, Иловица, Штука и Чанаклија. Селаните се задоволни од висината на обесштетувањето од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За вакцинирањето на говедата беа употребени 50.000 вакцини. Болеста јазлеста кожа, првпат се појавила во 1920-тите години во Јужна Африка, за потоа да се прошири низ целиот континент и преку Блискиот Исток, Сирија, Турција, Грција, и Бугарија, неодамна да стаса и кај нас. Се пренесува меѓу добитокот, преку комарци и преку допир.