Зелката на пазарите чини по 60, 70 денари – Годинава и сармата ќе чини поскапо
Нема доволно зелка, климата си го прави своето, вели Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделски производители во струмичко..
Производството е намалено и поскапено, работна рака нема, а и трговците формираат повисоки цени на сите производи, па и на зелката. Вака земјоделците го објаснуваат фактот дека зелката на пазарите чини по 60, 70 денари, а пролетната и по 80 денари.
Овој период луѓето бараат зелка со цел да ставаат зимница. Расолницата и сармата се присутни на македонските трпези и се дел од традицијата.
„Нема доволно зелка, климата си го прави своето. Треба нова стратегија, 100 пати имам кажано. Земјоделците на трговците ја даваат зелката по 30-35 денари за килограм. Таа цена е нормална, а потоа тие ја диктираат цената за потрошувачките. Некој треба да ја мисли таа работа. Многу помалку се сади зелка од порано. За сите култури е исто по селата. Во Василево, на рака се бројат земјоделците, а исто е секаде. Таа зелка што сега ја садат е за расолница, од неа сакаат да земат некој денар. Не се исплати оти беше многу жешко, потребна беше заштита. Порано имаше многу зелка во Пиперево, Просениково. Земјоделците сега се на возраст од по 60 години, млади немаме за производство и сето тоа си влијае“, вели Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделски производители во струмичко, за Фактор.мк.