fbpx
Вести

Сакате да засадите вишни и цреши? Подгответе го земјиштето на вистинскиот начин

Со почетокот на есента, почнува и сезоната на садење на овошјата. Доколку планирате својот овоштарник да го збогатите со стебла на вишни и цреши, најважно е на вистински начин да го подготвите земјиштето на кое ќе ги посадите овошките.

Риголовање

Пред да го подготвите за садење површинскиот слој на земјата, многу е важно да посветите внимание на длабинско орање, односно риголовање на земјата. Со оваа постапка, најплодниот слој од земјиштето се спушта до длабина на коренот на овошјето, додека помалку плодното земјиште се подигнува на површината и на тој начин се оддалечува од коренот. После подигнувањето на помалку плодното земјиште, истото се изложува на дејство на сонце, мраз и дожд, додека и тоа не стане плодно.

Совети за производство на органски вишни

Риголовањето има за цел да ги разбие непропустливите слоеви помеѓу плодната и неплодната земја, како и подлабоките слоеви од земјиштето да ги збогати со воздух, неопходен за успешно развивање на садниците. Исто така, со овој процес, во земјините слоеви кои се наоѓаат блиску до коренот се внесуваат хранливи материи, како што се органски и минерални ѓубрива, растурени во текот на мелиоративното ѓубрење.

Потребно е да посветите внимание и на самиот тип на земјиште. Доколку, земјата во која сакате да ги засадите вишните и црешите е потешка, риголовањето е од посебно значење и мора да се изврши на длабочина од 70 – 80 см, додека на полесно земјиште, доволна е длабочина од 60 см.

Со цел, успешно да го извршите длабокото орање на земјата, почекајте умерено влажно време. Доколку, земјиштето е премногу влажно, се нарушува неговата структура, но не се препорачува да биде и премногу суво, затоа што ќе се создадат големи грутки земја, кои подоцна ќе биде тешко да се иситнат.

Кога длабинското орање на земјиштето е завршено, се остава во отворени бразди, најмалку еден месец, иако добро е, тој период да го продолжите на неколку месеци.

Поткопување

Во современото земјоделство, сепак, често се врши само поткопување на земјиштето. Со овој процес кој се врши на длабочина од 90 см, земјиштето само се растресува и збогатува со воздух.

Длабокото поткопување, го подобрува водно – воздушниот режим на земјиштето, при што земјиштето не се превртува. Постои можност и за внесување на минерални ѓубрива во подлабоките слоеви на земјата, што се врши со депозиторите кои поткопувачите може да ги поседуваат. За насадите со вишни и цреши, посебно е добро вкрстено поткопување до длабочина од 70 см, после што се врши орање до длабочина од 40 см.

Земјиштето кое во длабоките слоеви содржи повеќе вар, треба посебно да го подготвите за садење на овие стебла. Всушност, при подготовката на земјата, потребно е да извршите поткопување и плитко риголовање.

Површинска подготовка на земјиштето за садење

Површинската подготовка подразбира неколку плитки обработки на земјиштето, со цел израмнување и иситнување на површинскиот слој. Грубото рамнење се врши во два чекори, вкрстено по дијагонала.

За површинска обработка, почекајте најмалку еден месец од денот кога сте завршиле со риголовањето, односно додека земјиштето не легне. Доколку овошките ги садите во есен, грубото рамнење се врши најчесто во октомври, а доколку е во прашање пролетно садење, во февруари.

Последниот чекор во подготовката на земјиштето е иситнување на површинскиот слој, кое се врши непосредно пред садењето на овошјето.

 

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close