fbpx
Вести

ТУРЦИЈА СО ОДЛУКАТА ЗА ЛИМИТ НА УВОЗОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПРОИЗВОДИ ОД РУСИЈА, И „ЗАБИ НОЖ ВО ГРБ” НА РУСИЈА

turcija

Брисел – Економијата на еврозоната во април порасна со најголема стапка за шест години, помогната од силната побарувачка и сеопштиот оптимизам во поглед на идните перспективи. Композитниот индекс на менаџерите за набавка ПМИ за еврозоната, кој го пресметува лондонската истражувачка компанија Маркит, порасна во април на 56,7 поени, што е најголемо ниво од април 2011 година и скок во однос на 56,4 поени од март. ПМИ ја мери подготвеноста на компаниите на инвестирање во сопствената дејност и пружа увид во состојбата на целокупната економија.

Загреб – Хрватската компанија Бродосплит скапо ќе ја чини кредитот кој пред 40 години го земале од Југобанка, пишува Вечерњи лист. Загрепска банка како ликвидатор на Југобанка бара наплата и поради тоа се заканува со запленување. Неплатениот долг од стариот кредит од 8 милиони скокнал на дури 76 милиони куни (10 милиони евра). Петгодишниот процес за реформи на Бродосплит, кој се спроведува под палката на приватниот сопственик Томислав Дебељак и надзорот на Европската комисија, полека се приближува кон крајот, но проблемите постојат.

Москва – Турција со одлуката за ограничување на увозот на земјоделските производи од Русија, вклучувајќи ја пченицата, „заби нож во грб” на Русија. „Тоа што Анкара го направи во врска со увозот од Русија изгледа како нож во грб” – рече рускиот министер за земјоделство Александар Ткачев. Тој додаде дека Русија е способна да излезе на крај со новонастанатата состојба и дека може да најде нови пазари.

Франкфурт – Германскиот производител на премиум автомобили, БМВ, објави раст на кварталниот профит пред даночењето во првиот квартал од 27 отсто, во голема мера под влијание на растот на вредноста на неговиот удел во сервисот за мапирање HERE, по влезот на Интел. Позитивно влијание на бруто резултатот додадоа и финансиските приходи, како и подобрите резултати на кинескиот „joint venture-a” BMW Brilliance Automotive. Добивката пред данокот во првиот квартал достигна 3,01 милијарда евра, значајно над проценките на пазарот од 2,38 милијарди и 2,25 милијарди евра, кога ќе се одбијат еднократните ефекти. Вредноста на уделот на БМВ во HERE придонесе на резултатот со 183 милиони евра, додека финансискиот резултат е поддржан од профитот со 122 милиони евра.

Берлин – Градежните активности во еврозоната во февруари значајно пораснаа во однос на истиот месец претходната година, по слабеењето во текот на изминатите два месеца, покажаа најновите податоци на европското статистичко биро Евростат. Според сезонски прилагодените податоци, градежните активности во февруари 2017 година се зголемени за 6,9 отсто на месечно ниво, покажа извештајот на Евростат.

Вашингтон – Приоритетот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е зголемување на растот на САД преку намалени даноци и реорганизирање на регулативите. Растот на американската економија ќе биде добар за целиот свет, изјави американскиот министер за финансии Стивен Менучин. Намалувањето на корпоративните даноци, со цел за поттик на американските компании да вратат „повеќе илјади милијарди долари” средства од сметките во странство, ќе помогне за зголемување на инвестициите и стопанскиот раст, истакна Менучин.

Вашингтон – Американската Фед нареди на германскиот банкарски гигант Дојче банка, да плати 150 милиони долари казна поради лошата пракса во девизното работење и слабата контрола. Американската единица на Дојче банка мора да плати 136,9 милиони долари на име „ризично и неодговорно постапување” на девизните пазари, соопшти Фед, кој ја регулира работата на банкарскиот сектор во САД. Компанијата „не успеа да открие и да се позабави со тоа што нејзините трговци користеле простор за електронски чет за да комуницираат со конкурентите за нивните трговски позиции” – наведе американската централна банка.

Њујорк – Приходите на американскиот производител на играчки Мател во првото тромесечје изнесувале 735 милиони долари, што е 15,4 отсто помалку од истиот лански период, додека загубата на фирмата е зголемена бидејќи нивниот главен производ куклата Барби и понатаму губи на привлечноста. Според деловниот извештај, објавен во четвртокот, чистата загуба на Мател во првиот квартал изнесувала 113 милиони долари, додека во истиот период лани била 73 милиони./МИА


 

локално

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close