Земјоделци од Демиркаписко се жалат на штети од зголемено присуство на инсекти, кои напаѓаат пред зајдисонце. Во изјава за МИА, тие рекоа дека најголеми проблеми има во лозарството и градинарството. Кај доматите, пиперките, грозјето, па дури и кај тиквите.
Ѓорѓи Ајтов, раководител на подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Неготино, за МИА рече дека станува збор за доматен четник или листен минер кај домати. Според него, инсектот најчесто ги напаѓа доматите во контролирани услови, оранжерии и фолии.
-Како стручна служба која постојано се грижи за сите предизвици со кои се соочуваат земјоделците, им стоиме на располагање да им помогнеме и да им појасниме што треба да преземат, за да се справат со евентуалните проблеми во нивните земјоделски имоти, нагласи Ајтов.