fbpx
Вести

Земјоделците не се вклучени во креирањето политики, покажа истражувањето на Рураланата коалиција

zemjodelci

Недовербата во институциите, недостигот од транспарентен процес на вклучување на земјоделците во процесите на донесување јавни документи и политики во земјоделството и руралниот развој се наметнува како еден од главните проблеми или предизвици со кои се соочуваат земјоделеците во државава. Само 3 отсто од земјоделците го познаваат Законот за земјоделство и рурален развој, кој е основата за регулирање на нивното работење, а дури 64 отсто добиле одговор на своите барања од институциите задолжени за развој на земјоделството, во рок подолг од 15 дена. Од друга страна пак, ниту еден земјоделец не се пожалил на ваквиот однос на институциите, а ниту еден од анкетираните земјоделци и не знае што треба да направи кога ефикасноста и ефективноста на јавните услуги е сведена на минимум.

Во истражувањето спроведено во периодот февруари – март 2017 година, од 140 испитаници од ситерегиони во Македонија, ниту еден земјоделец  не бил заинтересиран за податокот колку и како ги трошат буџетските средства петте клучни институции во земјоделскиот сектор (Министерство за земјоделство, шумарство, водостопанство, Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Агенција за поттикнување на развојот во земјоделството, Државен земјоделски инспекторат и Агенција за храна и ветерина).

Кога станува збор за субвенциите, пак, дури 60 отсто од земјоделците сметаат дека треба да се менува начинот на нивна распределба и тоа со воведување развојна компонента. Меѓутоа земјоделците не знаат дали и како можат да влијаат врз политиката на субвенционирање.

Токму тука се гледа и потребата Рурална коалиција да ги засили своте активности во насока на  јакнење на свеста кај земјоделците за потребата од отворено и транспарентно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и за нивно активно вклучување во креирањето и спроведувањето политики за развој на земјоделството.

Рурална коалиција започна со анализа на програмите за работа на Министерството, во периодот 2013 – 2016 година, а ќе се анализира и функционалноста на механизмите за вклучување на земјоделците во процесот на донесување одлуки, како и перцепцијата на земјоделците за начините преку кои што тие можат да се вклучат и да влијаат врз креирањето политики. Анализите и извештајот за транспарентноста и отвореноста на Министерството ќе бидат објавени во наредните месеци.

Рурална Коалиција овие мониторинг активности ќе ги спроведува во рамки на  проектот „Отчетност за сработеното со парите на граѓаните – реформа на јавната администрација која тешко се достигнува“,  дел од „Граѓанската алијанса за транспарентност – набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“, спроведуван од “Фондација Отворено општество – Македонија“ и „Евротинк – Центарот за европски стратегии“, a финансиран од Европската унија.

 


 

макфакс

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close