Земјоделците сакаат да прскаат со беспилотни летала
Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори со уште неколку земјоделски фирми поднесоа иницијатива за легализирање на дроновите за прскање и третирање на земјоделските насади.
Претседателот на агробизнис комората Огнен Оровчанец вели дека оваа напредна технологија драстично ги намалува трошоците за третирање на насадите. Според него, користењето на дроновите за оваа намена е многу поевтино, чини четири до пет евра за хектар, додека авионското третирање е околу 40 евра.
Аплицирањето на препаратите со дронови е исклучително прецизно што ги намалува трошоците и го прави производството многу поевтино.
Исто така, овие летала се одлична замена за тракторите, бидејќи со нив насадите може да се третираат во секое време, дури и кога нивите се калливи и е невозможно да се влезе во нив со механизација.