вестиТоп вести

Земјоделците  уште ги чувствуваат последиците од поплавите  во  2016година

 

По три години од големото невреме во 2016 и покрај големите штети земјоделците од битолско не добиле обештетување.

„Гледам се решаваат многу работи во земјоделието, ама ние сме заборавени, група земјоделци што претрпевме голема штета од невремето во 2016 година“, со овие зборови се обрати во редакцијата на „Зелена берза “ земјоделец од с.Кравари битолско, кој сакаше да остане анонимен. Од големото невреме проследено со силен град што се случи на 22.08.2016 ретко кој земјоделец од селата Оптичари, Кравари , Жабени и  Новаци битолско не претрпел штета.

Земјоделецот  ни ја раскажа   неговата  мака, за штетите кои му ги нанело тогашното невреме, а последиците оттогаш уште ги чувствува.  За штетите веднаш пријавил  во општина Битола  уште  наредниот ден. Се надевал дека  ќе добие некакво обештетување, бидејќи ништо не се спасило од родот, се’ било уништено.

„Мојата парцела  од скоро 5 ха беше најмногу погодена. Беше посадена со пипер  куртовска капија,  пченка, бостан . Имаше 10см град на нивата. Немаше ниту едно едно ливче здраво. Целата нива остана под вода“, се пожали земјоделецот. Дојде комисија да изврши проценка и се’  што требаше од страна на документи му дадов. Од комисијата беше констатирана  90% направена штета. Оттогаш  до сега ништо немам слушнато за обештетување,  апсолутно ништо не ни е дадено“ објаснува тој.

„Бев заробен со кредити. Од банката ми бараа документ за доказ  да докажам дека ми беше нанесена штета, но од комисијата што проценуваше не добив никаков документ. Од пиперот успеав да соберам само една канта за дома. Бостанот ми беше договорен,  требаше да го продавам, но ништо не продадов. Се’  беше уништено, а да садам на ново друго не можеше бидејќи беше време за берење на плодот, а не за садење. Немав заработка , а требаше да враќам кредит. Ниту тогаш ниту сега, дали ќе има обештетување од општина или од Влада не знам“ вели земјоделецот.

Раскажува дека порано се занимавал само со земјоделие, но по претрпените штети, морал да се откаже од сопствено производство и да бара работа на друго место, за да може да опстанува. Нивите ги имал земено под наем.  Сади нешто на помала површина тутун и пипер, но не како порано.

На прашањето дали рзмислувал за осигурување на своето производство, неговиот одговор беше  дека за тоа немал пари, финансиски бил исцрпен.

Сакајќи да помогнеме се обративме  до општина  Битола со цел да добиеме повеќе информации за овој случај.

„ 54 лица од битолско побарале обештетување од поплавите во 2016 година, а првостепена комисија назначена од Советот на Општина Битола, излегла на терен и направила записник. Понатаму, истите се испратени до второстепена комисија во Влада.

Владата нема законска обврска дека МОРА да исплати обештетување. Тоа го прави кога ќе останат средства во буџетот, или кога ќе направи одредена друга проценка дека има средства за исплата. Тоа е всушност помош, а не целосно обештетување“, се вели во дописот што го добивме од општина Битола.

И од оваа и од претходната Влада им било ветувано дека случајот ќе го разгледаат и дека ќе најдат начин да им помогнат на земјоделците. До сега ниту  една Влада не нашла решение. Земјоделците  сметаат дека работите се решаваат селективно и дека се заборавени.

Павлина Јовановска

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close