fbpx
Вести

Земјоделците во Кочанско се надеваат на добри приноси

Поволните временски услови и доволните количини вода за наводнување од хидросистемот „Брегалница“ овозможуваат вегетацијата на оризот во кочанскиот регион одлично да напредува, поради што земјоделските производители се надеваат на добри приноси.
Според земјоделските експерти, во зависност од сортата и периодот на сеењето, во моментот оризовите стебленца создаваат метличка и цветаат или се во фаза на т.н. вретенисување. Тоа значи дека агротехничките мерки за заштита и прихранување се веќе завршени, па сега останува само дополнително чистење на плевелите.
– Само кај одделни парцели кај кои сеидбата била задоцнета, доколку има потреба може да се изврши корекција во однос на ѓубрењето. Главно, задача на земјоделците во овој период е ако се во можност да ги прочистат парцелите од црвени форми на ориз, затоа што ако останат, подоцна зрната ќе паднат на почвата и дополнително ќе ја загадат затоа што имаат повеќегодишна `ртливост, истакна Добре Андов, професор на Земјоделскиот институт.
Увидот на терен покажал дека кај најголем број од парцелите засеани со ориз бројот на растенија по единица површина е во рамки на просекот, а забележана е и изедначеност во растот и добра ефикасност на заштитните мерки против плевели.
Годинава со ориз во Кочанско се засеани околу 4.300 хектари, од кои според очекуваниот просечен принос наесен би требало да се ожнеат над 23 илјади тони оризова арпа.


 

vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close