Земјоделците лани наплатиле 5 милиони евра штети од осигурителните компании
Според познавачите, ова е сѐ уште мал број, особено ако се земе предвид дека околу 60.000 земјоделци добиваат субвенции.
За последните 5 години земјоделското осигурување е зголемено за речиси трипати, но вкупниот број осигуреници се продадени само 3.751 полиси – 3.017 на индивидуални земјоделци и сточари и 734 на земјоделски и сточарски компании. Според познавачите, ова е сѐ уште мал број, особено ако се земе предвид дека околу 60.000 земјоделци добиваат субвенции. Државата пак, на земјоделците и сточарите им покрива 60 отсто од полисата за осигурување, но најмногу до 150.000 денари.
Од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за „Слободен печат“ велат дека е добро што постои тренд на зголемување на интересот.– Овој тренд укажува на заклучок дека компаниите и физичките лица кои професионално се занимаваат со производство храна и одгледување стока, го препознаваат институтот осигурување, со кој можат да ги покријат ризиците по нивното производство. Во 2016 година во осигурување земјоделци и сточари вложиле 175,7 милиони денари, во 2017 година 157,3 милиони денари, во 2018 година 261 милион денари, а во 2019 386,6 милиони денари. Лани има најголем раст, и тоа во услови на корона-криза, и во осигурителни полиси се инвестирани 482,5 милиони денари – велат од АСО.
Во однос на наплатените штети, статистиката на АСО за минатата година кажува дека земјоделците и сточарите наплатиле 313,6 милиони денари (5,1 милиони евра) штети од осигурителните компании. Вредноста на исплатите за настанати штети лани се зголеми за 56 отсто во споредба со претходната година.
Оттаму велат дека растот на земјоделското осигурување секогаш бил еден од приоритетите на АСО затоа што обезбедувањето храна од домашни ресурси има суштинско и стратешко општествено и економско значење, а особено во последно време, со веќе видливите негативни влијанија на климатските промени врз земјоделството.
– На системско решение на тоа важно комплексно прашање АСО работи заедно со Министерството за земјоделство, Министерството за финансии и Владата. Станува збор за проект за основање земјоделски осигурителен пул специјално дизајниран за осигурување на земјоделски посеви, плодови, добиток. Крaјната цел што треба да се постигне со законско решение е државата да се вклучи во осигурувањето на земјоделците, а не да исплаќа „пост фестум“ штети откако ќе се случат временски катастрофи. Премиите што ќе се уплаќаат нема да се распределуваат на други намени освен за исплата на штети и надоместоци. Доколку нема штети, фондовите се инвестираат и оплодуваат, со нив управуваат стручни лица, кои подложат на неколку нивоа на контрола, со цел вредноста на овие фондови континуирано да расте, како би се овозможило во иднина уште поквалитетно покритие, за пониски цени – објаснуваат од АСО.https://www.slobodenpecat.mk/zemjodelczite-lani-naplatile-5-milioni-evra-shteti-od-osiguritelnite-kompanii/