fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Земјоделието во (не)завидна положба

Не бараме преку леб погача, но сакаме чесен и достоинствен живот за тоа што го работиме.

Нема задоволство кај земјоделците без навремена исплата на субвенциите! Така е барем кај најголем дел од нив. Штом во ек на жетва и собирање на родот се излегува на протест, незадоволството очигледно натежнува на вагата.

Ситуацијата е незавидна и комплексна истовремено. Владата го проби рокот за исплата на субвенциите – 30 јуни, но најави дека со ребалансот на Буџетот во јули, парите ќе легнат на сметките на земјоделците. Навикнати, субвенциите да ги добиваат и пред рокот, земјоделците не го кријат револтот. Нивните аргументи се дека парите им требаат пред летото, за да има со што да набават храна за стоката, со што да купат репроматеријали, семиња, ѓубрива… Во вакви услови дел од земјоделците се организираа на протести и испратија силни пораки до власта.

„Државата да разбере дека ние ја храниме нацијата и придонесуваме за буџет“,

„Ние се мачиме по нивите, а администрацијата ужива по канцелариите“.

Всушност, револтот е голем поради низа причини. Жетварите реагираа дека жетвата почна без да се знае цената на пченицата. Нивните аргументи беа дека цената за килограм пченица не смее да биде пониска од 12 за килограм меркантилна пченица, се што ќе се понуди под оваа цена го прави нерентабилно производството.

Оризарите, пак реагираат дека во јули не само што падна цената на оризот, туку нема ни откуп, па до 60 проценти од количините им останаа неоткупени, пред прагот на новата жетва.

Цената на грозјето од 2 до 10  денари за килограм е понижувачка, се жалат лозарите, за кои реалната цена за килограм грозје е 18 до 20 денари за килограм. Односно, заштитна цена од 17 денари за вранецот, 15 за смедеревката и 3 денари помош од државата на килограм грозје.

Тутунарите имаа катастрофален откуп на тутунот за реколтата 2020, субвенциите ги зедоа во најголем дел, но и тие ги чекаа летово парите од ковид мерката за тутунарите и лозарите. За жал, не успееја да достигнат просечна цена од 185 денари за килограм тутун, иако им беше ветено.

Сточарите, пак свои маки, 25 месеци останаа без субвенции, велат стоката мора да ја хранат да делат од устите на децата.

Земјоделците се јасни и велат НЕ и за Законот за продажба на државното земјиште, како и за најавената еко таксата на горивата.

Нема достапен опис

137 милиони евра годишно поддршка за  земјоделците

Огромна е поддршката што ја дава државата за земјоделците, рекордни 137 милиони евра, од кој најголем дел, 30 милиони евра одат на сметките на тутунарите. Зошто тогаш земјоделците се незадоволни? Незадоволни се зашто велат дека голем процент од оваа сума оди во џебот на „таканаречени земјоделци“ кои успеале да земат земја од државата, ништо да не рабата, в нива да не стапнат, а да земаат субвенции. Затоа велат земјоделците потребни се реформи од корен.

На оваа тема е интересен ставот на професорот Борис Анакиев  даден за Дојче Веле во есента 2019, но актуелен според нас и сега каде што вели дека проблемот е што земјоделците се генерално неорганизирани, односно поделени.

-Покрај Федерација, има повеќе здруженија кои се разединети. Не се посветува доволно внимание на кооперативите да заживеат. Да договорат заеднички да истапат на пазарот, да истражуваат пазари, да вложат малку пари во репроматеријали. Да формираат заеднички систем како што е во Европа, каде функционираат земјоделски претпријатија и капацитети како сервис на примарното производство. Затоа е незадоволството и затоа трговците и откупувачите ги користат нивните слабости, рече универзитетскиот професор Анакиев.

И, кога сето ова ќе се помеша, недоследностите во субвенционирањето, лошите политики на откупувачите, поскапувањата на репроматеријали, климатските промени и последиците од нив, пак се паѓа на грбот на земјоделците, кои имаат легитимно право да си го бараат ветеното.

Накрај паднаа и обвинувања дека незадоволството на земјоделците мириса на „политичка запршка“. Факт е дека избори се ближат и без оглед која политичка номенклатура да е на власт паѓаат обвинувањата дека овие или оние ги (зло)употребуваат земјоделците за свои цели.

На ваквите обвинувања одговори еден од организаторите на протестот на Петровден, кој порача – Не бараме преку леб погача, но сакаме чесен и достоинствен живот за тоа што го работиме. Овој револт не е наменет вас да ви се ускратат некои права, туку ние да го добиеме она што го заслужуваме. Затоа – доста не манипулирате, доста не потценувате, крајно време е да научите да не цените и почитувате, и рацете кои ве хранат да ни ги благословите!

 

Анета Блажевска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close