
Земјоделскиот инспекторат да врши надзорот врз откупот на пченицата, бара Националната федерација на фармери
Соопштение на Националната федерација на фармери за производството и откупот на пченицата
Националната федерација на фармери (НФФ), преку својот потсекторски систем, континуирано ја следи состојбата со пченицата, како во делот на производството, така и во делот на продажбата. Пченицата претставува стратешки производ за државата, дефиниран согласно Законот за земјоделство и рурален развој.
Пченицата останува најзастапена култура меѓу житните, со засеани 69.689 хектари или 44,5% од вкупната површина под житни култури (156 469 ха).[1] Оваа година приносите од пченицата се задоволителни, и пченицата е со добар квалитет. Пченицата е стратешка култура која секогаш се соочува со предизвици при самиот откуп и висока производна цена.
НФФ активно учествува во процесот на лобирање преку потсекторските групи на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и го цени напорот на Министерството за изнаоѓање решение за откупната цена со пченица. Оваа година, со посредство на МЗШВ, постигнат е договор со откупувачите цената за прва и втора класа пченица да изнесува 12 денари по килограм, со тоа што на оваа цена ќе бидат додадени и трошоците за транспорт и ДДВ, кои ќе ги покријат мелничарите, односно пченицата која се транспортира од региони без млинови ќе има покриени дополнителни транспортни трошоци.
Сметаме дека ова е излезно решение за оваа година, но е потребно да се продолжи со понатамошни активности во насока на зголемување на приносите од пченица, намалување на производните трошоци, воспоставување на долгорочни и фер договорни односи меѓу земјоделците, мелничарите и откупувачите,преку договорното производство, активирање на интервентен откуп во кризни ситуации, согласно Законот за земјоделство и рурален развој и воведување нови технологии, и економско здружување на фармерите во задруги и организации на производители.
Националната федерација на фармери апелира до надлежните институции, особено до Земјоделскиот инспекторат, активно да се вклучат во надзорот врз откупниот процес на пченицата и да обезбедат фер и транспарентна постапка за сите земјоделци.