fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Земјоделските суровини по двојно повисоки цени

Цените на ѓубривата, на сточната храна, но и другите суровински материјали што се користат во земјоделско-прехранбениот сектор се значително зголемени, што, според инволвираните, го загрозува производството.

Цените на ѓубривата, на сточната храна, но и другите суровински материјали што се користат во земјоделско-прехранбениот сектор се значително зголемени, што, според инволвираните, го загрозува производството. Истовремено, се забележува раст и на цените на производите во маркетите, а граѓаните стравуваат дека нов раст на цените ќе има и од почетокот на следниот месец, кога веќе нема да има замрзнување на цените на основните продукти. Пандемијата ги разниша економските текови и прекина дел од претходно воспоставените синџири на доставување, а по обновата на економиите, цените на производите почнаа да растат. Растот на трошоците во земјоделството ги зголемува и влезните цени во прехранбената индустрија. Иако некои од експертите сметаат дека поскапувањето на храната не би требало да нѐ плаши, како земја со предиспозиции за производство на квалитетни продукти, сепак, инволвираните укажуваат дека драстично зголемените трошоци може да предизвикаат прекин во производството на храна, било да се основни земјоделски продукти или, пак, нивни преработки.

Наместо да извезуваме, ние увезуваме храна

Економскиот професор Ванчо Узунов посочува дека Македонија, како земја со поволни услови за производство на храна, не би требало да се плаши од растот на цените.
– Ние стравуваме од растот на цените, бидејќи увезуваме храна, а можеме да ја произведеме, ние сме погодна земја за производство на храна. Податоците покажуваат дека имаме поголем увоз на храна отколку извоз, што е сигнал за лошата специјализација или лошата конкурентност на нашата економија. Земјоделството потфрлува во сегментот производство на храна, со децении. На оваа гранка кај нас се гледа како на начин за преживување и со неа се занимаваат претежно повозрасни луѓе што сѐ уште живеат во рурални средини. Наместо модерно фармерско земјоделство каде што ќе бидат насочени најдобрите образовани ресурси и да извезуваме и свежа храна и преработки на земјоделски производи, па со растот на цените да се радуваме на поголем прилив, ние сме во лоша позиција – вели Узунов и додава оти треба да се бараат начини да ги искористиме потенцијалите.
Но од друга страна, претставниците на земјоделскиот сектор укажаа дека поради растот на енергентите и растот на цените на репроматеријалите има значително зголемување на трошоците. Потенцираат дека трошоците се значително зголемени, а производите ги продаваат по исти цени, што ги прави нерентабилни.
– Како последица од овој проблем може да дојде до намалување на производство на храна, бидејќи земјоделците нема да можат да работат со загуба – потенцира Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ).

Не може да се замрзнуваат само крајните цени

Претседателот на Агробизнис-комората при Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, за „Нова Македонија“ укажува на нелогичноста на мерката за замрзнување на цените на готови продукти, со оглед на фактот дека цените на суровините, или на влезните материјали постојано растат.
– Доколку ги замрзнете суровинските цени, енергијата и платата на вработените, тогаш може да ги замрзнете и крајните цени, секој друг пристап претставува закана за опстојување на бизнисите. Економските правила велат дека цената на секој краен производ се формира врз основа на цените на сите суровини, енергенти и цената на работната сила, односно врз основа на цените на сите инпути што влегуваат во производството. Единствено што може да се ограничи, без да се доведе во прашање одржливоста на производството на одреден производ, се маржите. Кога е лебот во прашање, факт е дека цените на влезните инпути се во постојан пораст – укажува Ѓорѓевски.
Првиот човек на Агробизнис-комората вели дека нивните активности ќе бидат насочени кон креирање подобро деловно окружување за агросекторот и посочува дека треба да се обезбедат однапред планирано производство и сигурна продажба.
– Иако работиме во пазарно стопанство, сепак треба да се преземат мерки што ќе овозможат ниеден земјоделски производ да не остане неоткупен, или откупен по нелогично ниска цена. Исто така е важно да се направи окрупнување на земјишните парцели, зголемување на приносите, партнерска соработка и зголемување на конкурентноста на земјоделските производи. Потребно е да се изработи и педолошка карта што ќе биде достапна за сите земјоделци низ цела држава. За поголема конкурентност на производите, потребно е стручно надгледување на употребата на пестициди, со цел придвижување кон стандардите на Европската Унија и поголем фокус кон органско производство. За земјоделците е потребно да се обезбедат и помош и стручни совети за купување земјоделска механизација и друга техничка опрема. За да се постигне максимален процент на искористеност, потребно е поедноставување на постапките за ИПАРД-апликациите. Неопходни се и даночни олеснувања за нафта, семенски материјал и за земјоделска механизација, како и субвенции по килограм произведен производ – појаснува Ѓорѓиевски. Повеќе на https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/zemjodelskite-surovini-po-dvojno-povisoki-ceni/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close