Земјоделството на удар на климатските промени

(Oвој напис е објавен на: February 24, 2017)

Како да не останеме без грозје кога се бориме да не’ препознаат како нова винска дестинација? На кој начин да се заштитат производителите на овошје и зеленчук во земја која прави напори да го зголеми извозот на здрава храна?

Untitled3

Македонското земјоделство трпи силни удари од климатските промени. Градинарството, овоштарството и лозарството се меѓу најранливите сектори кои најмногу имаат потреба од приспособување на техниките на производство и преземање адаптивни мерки за намалување на штетните последици.

Штетите од климатските промени се големи и разновидни во зависност од земјоделските култури, а некаде достигнуваат и до уништување на целосното производство. Половина од руралното население во Македонија е економски зависно од земјоделството, што ја зголемува потребата од спроведување брза акција и практични адаптивни методи. Ова беше констатирано на Првата национална конференција за климатските промени и македонското земјоделство, која вчера, во заедничка соработка на проектот „Институционална поддршка на Федерацијата на фармерите“ Ве Ефект – ФФРМ, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени и Амбасадата на Кралството Шведска, беше организирана во Струмица.

„Постојат повеќе актуелни адаптивни мерки, како на пример, заштитните мрежи, кои штитат од сончевото зрачење и од град, каде што штетите се намалуваат и до нула проценти. Употребата на калциум карбонат за прскање во лозарството придонесува за зголемување на квалитетот на грозјето, ја намалува температурата за 2-3 степени и придонесува за квалитетот на гроздот. Се работи за безбеден препарат кој лесно се отстранува само со миење“, вели Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој, спроведувач на проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени.

poplavi-pelagonija

Тој ги презентираше резултатите од неколкугодишни опити кои докажале дека приносот на дрвјата со круши се зголемува за 55 проценти и се добиваат поквалитетни праски ако се користи заштита со мрежи. За 23 проценти се зголемува производството на домати ако се заштитени со црвена мрежа, а над 30 отсто е поголем приносот на дињи во пластеник, ако расте заедно со еден вид габа.

„Повеќето од мерките не бараат големи инвестиции, напротив многу лесно можат да се применат во секојдневните активности. Инвестицијата во заштитни мрежи е нешто повисока и изнесува од 15.000 до 20.000 евра по хектар, но се исплатува бидејќи штетите ако се изгуби целиот род може да се и повисоки“, посочува Ѓоргиевски.

Климатските промени се реалност насекаде во светот, а според анализите, Македонија може да очекува екстремни варијации во температурата кои ќе имаат штетни последици врз земјоделскиот сектор.

Шведска е една од земјите која климатските промени ги гледа многу сериозно. Според Билјана Петровска, претставник на Амбасадата на Шведска, земјата се’ повеќе се стреми кон органско производство. „Препорачуваме одржливо производство со употреба на помалку хемиски препарати и штедење на водата, како и со зачувување на биодиверзитетот во Македонија“, рече Петровска.

Share Button