fbpx
ВестиТоп вести

 Жетвата на пченицата почна а цената се уште се ,,крчка,,

 

На големо почна жетвата на пченицата. И додека се уште во некои региони не е дособран родот од јачменот некои од раните сорти на пченица кои се и поосетливи на ронење почнуваат да се жнеат за да се намалат загубите. Топлото време само придонесе за зголемување на динамиката на жетвата и комбајните веќе може да се видат во сите производни региони како непрекинато жнеат. Годинава родот се очекува да биде во границите на просечно родна година иако имавме обилни мајски дождови кои помогнаа да се зголемат приносите и на некои делови да има воопшто жетва сепак нема да има рекордни приноси бидејќи житата имаа неповолни климатски услов есента и владееше голема пролетна суша која дури се закануваше да нема што да се жнее во одредени делови. Во Светиниколскиот крај полека почнува жетвата а земјоделците се жалат на слаби приноси во овој регион.

-Во горниот дел на овчеполието приносите се слаби и се очекува да ожнееме по околу 2,5 тони за јачменот до 2,8 тона кај пченицата. Овие приноси мора да знаеме дека се со помош на врнежите кои ги имавме пролетта без кој ќе остане голем дел од нивите без род и воопшто немаше комбајн да влегува за жетва. Деновиве гледаме дека некои откупувачи даваат 8 до 9 денари за јачменот што сметам дека е многу ниско. Според нас јачменот не треба да биде под 12 денари додека пченицата не треба да биде под 13 денари за килограм за да имаме и ние некоја заработка. Ретко кој од земјоделците има сместувачки капацитет заради што не уценуваат мелничарите и ни ја земаат пченицата без пари, рече Ангел Стојчев претседател на здружението овчеполски фармер од Свети Николе.

 

Заради пониските приноси кај нас но и во регионот односно од соседна Србија од каде и главно увезуваме земјоделците очекуваа покоректни откупни цени од најмалку 12 до 13 денари за килограм за пченицата но последните неофицијални информации од мелничарите за земјоделците се поразителни. Тие нудат 8 – 8,5 и 9 денари во зависност од квалитетот што ќе ја направи и годинава пченицата нерентабилна. Земјоделците сега очекуваат помош од новиот министер од кого бараат државата да се вклучи со откуп за стоковите резерви во време на жетва и по цени кои ќе помогнат да се зголемат откупните цени и кај мелничарите. Ваква слична мерка е најавена во Србија каде државата ќе откупи 25 илјади тони пченица по 20 српски динари што се наши 10,4 денари со што ќе се зголеми откупната цена и интересот за лебното жито. Последните информации се дека и во Србија има засеано помалку површини и со намалените приноси нема да имаат многу вишо за извоз  а таа пченица што ќе се најде со транспортни трошоци до Македонија ќе чини 12 до 13 денари. Земјоделците велат на потег сега е министерството за земјоделство ако сака да помогне лебното жито да биде профитабилно годинава и да се откупи од домашните мелничари за да не замине голем дел за извоз во Грција како што беше случај лани.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close