Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести
Жена! Затоа што животот почнува од нејзините раце!
Жените од руралните средини заслужуваат поголеми можности
Жената е дом, а домот е темел на општеството , вели стара индиска поговорка! За тој дом да биди носител на модерно и рационално општество и во него цврсто да бидат втемелени сите добра на нашата традиција и обичаи од ова тло, потребна ни е едуцирана млада жена. Жена која мисли со својата глава, анализира, одлучува, отфрла, подучува. Жените отсекогаш биле столбот на самата структура што ја нарекуваме општество.
Жените се битни , но за жал, остануваат неценети без оглед на демографските и културните граници што не раздвојуваат. Тие молчат, не се борат за признанија за нивните достигнувања. Јасно е дека, без разлика дали станува збор за урбана фаза или рурален амбиент, самиот поим на општеството ќе пропадне во нивно отсуство. Кога жената напредува, целото општество има придобивки и кога жените имаат пристап до земјиште, се зголемува домаќинството, земјоделството и родовата еднаквост .
Што е потребно за да се премости јазот кај руралните жени? Креирање на пристојни работни места, обука за претприемништво и пристап до образование, инфраструктура и финансии е клучно. Заштита на руралните жени од неприфатливи форми на работа, зајакнување на социјалната заштита, осигурување на нивниот глас и затварање на јазот на дискриминација се клучни елементи потребни за трансформативно дејствување. Преку антидискриминација – можност за еманципација и рурална сатисфакција.
СТОП ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА РУРАЛНАТА ЖЕНА!
Токму поради тоа, со новиот проект на „Зелена берза“ пресудно е да се слушнат искрените животни стории на жените од село испреплетени со проблеми и предизвици во секојдневното живеење. Решивме да им оддадеме почит за улогата што ја играат во руралниот развој и унапредувањето на земјоделството низ целата должина и ширина на оваа земја.
Всушност денес животот на руралните жени иако во основа се разликува во однос на животот на нивните баби и прабаби, сепак таа патријархална слика и поделбата на „машки„ и „женски“ улоги во нивните животи е се уште застапена, некаде повеќе, некаде помалку.
И сега е така кога се однесува за домот, само што нашите жени сега се вклучени и во земјоделие, работат исто како и своите сопрузи, рамо до рамо. Дури некои од нив не се стеснуваат да кажат дека тутунот, комплетната обработка е само женска работа, од садење, берење, до нижење и предавање на откуп. Сигурно ќе признаете дека не е само тутунот и само грижа за децата и за старите и болните членови на семејството, туку ќе се најде и уште нешто додека главата да се стави на перница.
Но, на тие „експлоататорски“ и „дискриминаторски“ услови за работа, двојното работно оптоварување за чудо жените ќе ви кажат дека се „навикнале“. Иако знаат дека неплатената работа, како земјоделската така и домашната, одзема многу време и енергија, а воопшто не придонесува за финансиско јакнување на руралните жени. Напротив ја ограничува жената во време во текот на денот да може да се посвети на друга работа која ќе и донесе плата, пензиско и здравствено осигурување, да се образува или едноставно да се посвети на себе си.
Правата на жените во Република Северна Македонија се загарантирани со Уставот, а тука е и спроведувањето на Законот за еднакви можности ,сепак за жал може да се каже дека во нашата држава сѐ уште има села каде што живеат жени кои немаат можност да оформат солидно образование, не можат да се вработат, рано стапуваат во брак, зошто така им налага традицијата, раѓаат по неколку деца и оформуваат семејства, имаат ограничен пристап кон социјалната и здравствената заштита, што на крајот на краиштата им носи неквалитетен живот. Формална вработеност на жените во земјоделството, шумарството и водостопанството е 20,3% од вкупниот број на вработени жени во државата.
Според податоците пак за неплатени семејни работници – 64% се жени.
Жените од руралните средини според многу статистики често спаѓаат меѓу најсиромашната популација, нивниот труд е ниско вреднуван, немаат имот на свое име а нема ни благодарам за домаќинството, семејните обврски и работата на нива . Во овие домаќинства, мажот кажува, мажот ги има парите во џебот, што ги прави жените целосно зависни во семејството.
Она за што жената сонува е самостојноста, да нема поделба на „женски“ и „машки“ работи, туку заеднички брачните партнери да се надополнуваат во извршувањето на домашните обврски и распределбата на семејниот буџет.
“Жените се лидери насекаде каде што гледате – од извршната директорка кој води компанија од Fortune 500 до домаќинка која ги одгледува своите деца и го води своето домаќинство. Нашата земја познава силни жени и ние ќе продолжиме да ги рушиме ѕидовите на дискриминација и да им пркосиме на стереотипите.”( Н.Пелоси)
Едноставно жените од руралните средини заслужуваат поголеми можности.
А ние во “Зелена Берза” сме убедени во тоа и ќе се потрудиме да ја убедиме и целата наша читателска публика!
Христина Фуна