Периодот од зимското мирување овоштарите го користат за зимска резидба и
заштита на овошките од болести и штетници. Заштитата се извршува со механички
и хемиски мерки.
Механичките мерки повеќе се спроведуваат кај помалите овоштарници и истите
опфаќаат: чистење на стеблата од гасенични гнезда, отстранување на заразени
делови пд растенијата и собирање и горење на паднати лисје и трули плодови. Со
извршување на горните работи ги отсрануваме потенцијалните жаришта од
болести и штетници, од каде што рано во пролетта излегуваат спори и габи, или
имага од штетници, кои извршуваат примарни зарази.
Хемиските мерки за заштита опфаќаат прскање на овошките со пестициди, со кои
се сузбиваат болестите и штетниците. Некои штетници и болести презимуваат на
гранките, или под кората, при што со зимското прскање се уништуваат нивните
легла. Прскањето се извршува во периодот на зимското мирување и тоа исклучиво
при суво, топло и мирно време.
Зимската заштита како мерка задолжително се применува кај повеќето овошни
видови.
Најчести штетници кои се сузбиваат со зимската заштита се: лисни и штитести
вошки, цветојад, молец, губар, жолтомешка, свиткувач, крушова болфа, мразовец,
црвен пајак и др.
Од инсектициди кои се користат за сузбивање на наведените штетници во овој
период се маслените препарати: Бело масло 1%, Олепултрацид 0,3%, Фолидол
масло 0,5% и др.
Од болести, кои се сузбиваат со зимското прскање се: краставост на плодовите,
пепелница, кадравост и сачменка на лисјето, монилија, рогачење на плодовите,
бактериска пламеница, рак на кореновиот врат и др.
Од фунгициди кои се користат за сузбивање на болестите се: Бордовска чорба 1-
2%, Шампион 1%, Бакарен Антракол 0,4% и др.
Заштитата против болестите и штетниците може да се извршува посебно, но
најчесто комбинирано, со мешање на двете компоненти.
Извор: АПРЗ