Златарите едвај го „преживуваат“ периодот без свадби и чекаат пандемијата да заврши
Златарниците во Македонија се соочуваат со огромен пад на работата затоа што поради пандемијата на коронавирусот се забранети свадби и семејни прослави.
Златарниците во Македонија се соочуваат со огромен пад на работата затоа што поради пандемијата на коронавирусот се забранети свадби и семејни прослави.
Сопствениците на златарници велат дека обемот на работа е намален од 50 до 70 отсто. Им недостига периодот пред пандемијата кога се организираа свадби, крштевки, родендени. Нивните прогнози се дека оваа 2021 година ќе помине исто како и лани. Oчекуваат што поскоро да заврши пандемијата за да можат нормално да функционираат. Дел од газдите привремено ги затвориле дуќаните и велат дека ќе почекаат подобри времиња, бидејќи сега немаат промет.
„Продажбата е многу слаба, дури и за 14 февруари, за празникот Свети Валентин луѓето не купуваа златен накит за подарок. Годината ќе биде многу лоша за нас, исто како и минатата. Едвај чекаме ова да заврши“, велат од златарница во Гостивар. И во соседниот град Тетово, златарите велат дека се мачат за опстанат во овој кризен период. Раскажуваат дека претходно, луѓето купувале секој според можностите и потребите.
„Работиме само за леб, колку да не затвориме. Работата е намалена за повеќе од 70 отсто, никој ништо не купува. Веќе нема глауморозни свадби како порано. Единствено ако некој се реши да направи скромна веридба само со најблиските. Порано граѓаните трошеа зависно од тоа колку им е длабок џебот. Се купуваа прстени, бурми, и друг златен накит. Сега со помош од државата гледаме да го преживееме овој период, а гледаме дека и целиот свет е во криза“, додава тетовчанец. Фисник Сарачи извршен директор на регионалната занаетчиска комора во Дебар, објаснува дека пандемијата целокупно ја погоди eкономијата и никој не е поштеден.
„Нема сектор кој не е погоден. Тоа е еден ланец, и сега кога нема свадби, крштевки, родендени, матури, и златарските дуќани се погодени од пандемијата на коронавирусот. И оваа година ќе биде многу тешка за занаетчиите“, рече Сарачи.
Државата преку петтиот пакет мерки нуди помош за фирмите за исплата на плати, со цел да се направи рестарт и заживување на економијата. Помош ќе има за туризам и угостителство, хотелиерство, индустрија за организација на настани и други сектори. Овој пакет „тежи“ 160 милиони евра.https://faktor.mk/zlatarite-edvaj-go-prezivuvaat-periodot-bez-svadbi-i-chekaat-pandemijata-da-zavrshi