вестиМакедонијаТоп вести

Kартичката за зелена нафта се повлекува кога ќе се потроши целосниот износ впишан во неа велат од АФПЗРР

По искористувањето на целосната сума, картичката за „зелена нафта“ останува кај економскиот оператор. В година ќе бидат вратени, но дали ќе бидат истите или ќе се печатат нови тогаш ќе се знае велат од Макпетрол

Зошто се повлекуваат Картичките за зелена нафта? Со ова прашање до редакцијата на Зелена берза се обратија неколку земјоделци кои откако ја искористиле картичката на бензиската пумпа не им била вратена.

-Бев на бензиска пумпа да наточам гориво и се беше добро, регуларно, ми дадоа фискална сметка и кога си ја побарав картичката назад, вработениот ми рече  дека  картичката мора да биде задржана. Прашав зошто, а тој ми рече дека така пишува на компјутерот и дека картичката ќе биде задржана. Целата работа ми беше чудна,  оти ништо немав слушнато до сега. Што се случува  ги повлекуваат ли картичките за „зелена нафта“, праша земјоделец од с.Лажани општина Долнени кој сакаше да остане анонимен. Додаде дека истото му се случило и на неговиот брат.

Се обративме во Макпетрол кој е економски оператор за субвенционираната зелена нафта, каде ни ја потврдија информацијата дека  персонализираните картички за користење „Зелена нафта“ откако ќе се потрошат се задржуваат.

-Договорено е откако ќе се искористи картичката да ја задржиме. Оваа година имавме многу проблеми со заборавени пинови, а и загинати картички, па со цел да  се избегнат злоупотреби, одлучено е ние како економски оператор да ги задржуваме, изјави за Зелена берза Сашо Балоски, вработен во  Макпетрол. Картичките в година ќе бидат вратени, но дали ќе бидат истите или ќе се печатат нови тогаш ќе се знае, додава Балоски.

Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој  велат дека картичката за зелена нафта се повлекува кога ќе се потроши целосниот износ впишан во неа.

-Сите персонализирани картички имаат одредена сума на средства  која ја имаат на нив а е пресметана согласно утврдената методологија на пресметка. По првото точење на гориво, земјоделците добиваат сметка на која може да видат уште колку средства имаат на располагање на картичката. При секое наредно точење на еуродизел за земјоделска механизација земјоделците имаат увид уште колку средства им се преостанати на картичката.

По искористување на целосната сума од страна на корисниците, картичките се оставаат кај економскиот оператор.

Кој кога ќе ја врати картичката зависи од тоа кога ќе ги потроши средствата кои му се на располагање преку мерката „зелена нафта“, се вели во информацијата од АФПЗРР.

Преку  мерката зелена нафта  во овој момент опфатени се околу 51 илјада земјоделци. Вкупната поддршка за оваа мерка изнесува 224 милиони денари. Право на користење на оваа поддршка имаат сите кои биле корисници на субвенции по Програма 2019- та година. Финансиската поддршка на платежната картичка зависи од големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2019 година. Лани кофинансирањето на трошоците за набавка на зелена нафта за земјоделска механизација беше 30 %, оваа година поддршката е зголемена на 50%.

П.Ј.

 

Слични написи

Back to top button
Close