На лозарите им се спрема нов грабеж! – предупредува Националната земјоделска мрежа
Најголемата манипулација во Законот за вино е во загарантираната цена која мора да биде 25% над производната цена утврдена од научна истражувачка институција.
Почитувани лозари
Пред почеток сме на нов предизвик и нова неизвесност поврзана со откупот на винското грозје. Како Национална земјоделска мрежа според Статут сме обврзани да ги штитиме правата и интересите на индивидуалните земјоделци. Во ова прилика сакаме да посочиме на законските одредби од Законот за вино кој е на директна штета на лозарите. Според Член 3 точка 33 винската година започнува на 1август и завршува на 31 јули наредната година. Според Член 21 Министерството за земјоделие најдоцна до 15 јули во тековната година утврдува производна цена за најмалку две најзастапени сорти винско грозје. Според Член 23 Цената на винското грозје се утврдува врз основа на утврдени шеќерни единици и сите винарии и трговци се должни најдоцна до 1август да ги истакнат откупните цени по шеќерна единица за секоја сорта винско грозје.
Најголемата манипулација во Законот за вино е во загарантираната цена која мора да биде 25% над производната цена утврдена од научна истражувачка институција. Истовремено на откупувачите на винско грозје според Член 20 им се дозволува исплатата на откупеното грозје да се изврши на три рати по следната динамика;
-Првата рата да биде исплатена во процент од 20% најдоцна до 15 декември во тековната производна година
-Втората рата во висина од 40% да се исплати до 15 фебруари наредната година
-Третата рата во висина од 40% најдоцна до 30 април наредната година
Почитувани, според приложените законски одредби повеќе од јасно е дека во прашање е еден дискриминаторски закон каде лозарите се обесправени и се дозволува можност за злоупотреби и безмилосен грабеж на лозарите. Ние како Национална земјоделска мрежа решително ќе застанеме во одбрана на лозарите и обидот за грабеж, а под закрила на овој криминален Закон за вино
Со почит Ѓорги Каракашев