fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Ѓорги Каракашев-Земјоделието е во длабока криза, само за тутунот се знае откупната цена, каде се другите производи?!

Тутунот ќе го снема, ако тутунарите не добијат поголем дел од заработката со сооднос со монополите и државата

Ѓорги Каракашев – земјоделец, претседател на новоформираната Националната земјоделска мрежа во интервју за Зелена берза.

 

З.Б-Каква е состојбата во македонското земјоделие во последните неколку години и каква е реалната состојба на терен?

Каракашев – За жал состојбите во македонскиот аграр се повеќе од загрижувачки со тренд за понатамошно влошување. Имаме масовно иселување посебно во руралните средини претежно на младото работоспособно население. Просечната старост на населението во руралните средини е над 50 годишна возраст, ако на ова се надоврзе и слабата финансиска состојба на овие граѓани повеќе од јасно е дека македонскиот аграр е во длабока криза.

 

З.Б-Зошто Македонија  како аграрна земја се доведе во ситуација да има недостаток на храна од домашно производство, па станавме увозно зависна земја? Каде се пропустите, колку долго се провлекува оваа ситуација ситуација?

Каракашев – Најголема причина за ваквата ситуација се погрешните политики и стратегии кои се провлекуваат во претходните децении од осамостојувањето на државата, политики кои реално беа популистички за потребите на политичките елити, притоа не се водеше сметка какви сериозни импликации ќе предизвикаат во подоцнежниот период. Сите мерки мораше да бидат во функција на подигнувањето на капацитетот на примарното земјоделие преку едукација и осовременување на производството на храна по примерот на земјоделието во Европската Унија  Ваков модел применија Србија и Албанија и затоа сега се далеку пред нас.  Од увозно зависни држави за храна сега се извозници на храна. Како пример ќе ја наведам Албанија која пред една деценија беше целосно увозна од храна, а денес има годишен извоз на земјоделски производи во 73 држави во вредност од 600 милиона евра.    

 

3.Б-Што ќе не снајде со ваков начин на менаџирање на состојбите во земјоделието?

Каракашев – Последиците најмногу се рефлектираат врз стандардот на просечниот граѓанин,  затоа што имаме дефицит од основните животни продукти, превисоки цени кои се огромно оптоварување за домашниот буџет,  а битно е да се спомене и лошиот квалитет на увозни производи кои македонскиот граѓанин ги плаќа по нереално високи цени.  Како прилог на ова констатација битно е да се спомене дека во 2022 година, Македонија има потрошено 900 милиони евра за увоз на храна.

 

З.Б-Освен за тутунот,  за ни една друга земјоделска култура  производителите не ја знаат откупната цена однапред, има ли начин да се постигне договор пред почетокот на сеидбата за секоја земјоделска култура да се определи производна цена?  Тоа досега не им успеа ни на државата, ни на земјоделците. Неизвесноста е голема од реколта до реколта.

Каракашев – Производна цена е главен предуслов за да се отпочне било каков процес на производство. Тоа мора да биде појдовна точка и за земјоделските производители при планирање на сопственото производство, но и за надлежните државни институции кога носат стратегии и мерки за поддршка. Без реално утврдена производна цена каде ќе будат вкалкулирани сите влезни импути на производни трошоци реалната стапка на инфлација  илузорно е да се планира понатаму.  Околу утврдување на производна цена на даден производ меродавни се институтите, факултетите за земјоделски науки и храна, агроекономистите.  Сите тие можат и морат да се стават во функција на земјоделието, но и државата.

 

З.Б-Има ли начин или економска логика, во земјоделие да бидат задоволни и производителите и купувачите, консументите, граѓаните? Очигледно од земјоделското производство најмногу ќарат откупувачите и трговците?

Каракашев  – Одговорот се крие токму во тие 900 милиони евра, кои нашата држава ги троши на увоз на храна. Доколку овие средства се вложат директно во земјоделието преку развојни проекти стратегии и директна техничка  поддршка и едукација  на земјоделците повеќе од сигурно е дека на среден рок ќе излеземе од ваквата погубна ситуација. Секој граѓанин мора да знае дека секој денар вложен во земјоделие се враќа најмалку тројно, но тоа се однесува за држави каде функционира пазарна економија, а не како кај нас каде за жал се уште доминира монополизмот и државниот интервенизам со доминација на одредени политички и бизнис елити. Како споредба би навел дека токму во Европската Унија преку 30% од вкупниот буџет се троши токму за поддршка на руралниот развој и производство на храна Словенија како недоминантна аграрна држава на годишно ниво одделува 800 милиони евра за поддршка на нивното земјоделие.  

 

З.Б-Искусни тутунопроизводители кои со децении садат тутун, реагираат дека годинава драстично ќе опадне тутунопроизводство, што значи помалку насадени површини, помалку тутун.  Како вие ја оценувате состојбата во тутунопроизводството?

Каракашев – При последната посета на Прилеп, како најголем производствен регион на ориентален тутун, премиерот Ковачевски, лично изјави дека тутунот е и ќе остане стратешка култура за државата, и дека годишно државата од тутунот инкасира 140 милиони евра, чист девизен прилив. Споредбено со ова 100 илјади тутунари за својот макотрпен целогодишен труд добиваат бруто исплата од предаден тутун околу 100 милиони евра, вклучително со субвенции од кои преку половина се во производни трошоци. По ова останува енигма колкава е заработката на монополите?  Како заклучок овој сооднос на распределба на добивка меѓу државата, тутунарите и монополите мора да се промени во корист на тутунарите. Во спротивно за краток период ова култура ќе ја снема од македонските ниви. Една огромна група граѓани ќе преминат во социјала на товар на  државата.

Автор Анета Блажевска

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close