fbpx
Видео/интервјуаТоп вести

Мујо Фазлич, државата мора да направи берза на земјоделски производи за да им се исплати трудот на земјоделците

 

Земјоделската берза треба да помогне во планирање на производството и пласманот на земјоделски производи на пазарите, ама бидејќи ја нема земјоделскиот труд секоја година е изложен на ризик. Со ваква забелешка до „Зелена берза“ реагира земјоделецот Мујо Фазлич (49) од селото Десово, Општина Долнени. Според него, ако државата смогне сили да направи земјоделска берза од неа полза треба да имаат пред се’ примарните производители. Земјоделците се во очекување да се превенира создавање на вишок на домашно производство што води до намалени откупни цени.

Со берзата,  производителите навреме ќе имаат информации  за цените на земјоделските производи на домашниот и странскиот пазар и ќе знаат што да садат. Што е уште поважно, ќе им се даде до знаење на откупувачите и пред се‘ прекупците, кои досега си играа со земјоделците и сами ги одредуваа цените дека нема да можат веќе да ќарат на трудот  и  маката на земјоделците.

-Апелирам како земјоделец до државата да се формира таа берза и секој еден фармер   да ги знае откупните цени на производите однапред. Само така, ако ги знаеме цените ќе можеме да направиме математика што да произведуваме, на која површина, и во кое време.А сега вака како што стојат работите ние земјоделците висиме во воздух, не се знае што ќе се случи со нашите производи, по која цена ќе ги продадеме и дали воопшто родот и трудот ќе ни се исплати, реагираше до „Зелена берза“, земјоделецот Фазлич.

Тој произведува тутун, жито, пиперка, домат, одгледува и кози.

Од 13 декари површина, Фазлич  годишно произведува по 2 тона  тутун  и како што вели воопшто не е задоволен од проценката и откупната цена на овој производ.

– Не сум задоволен од цената на тутунот и сметам дека најдолната класа не треба да биде проценета под 300 денари од килограм. Според движењето на цените и на странските берзи овој производ чини многу повеќе. Јас годинава добив заедно со премијата во просек по 230 денари од килограм. И тоа  оваа година навистина имавме добри цени за разлика од предходните  кога тутунот се плаќаше под секое ниво.  Затоа сметам дека трудот на тутунарите треба да се вреднува и цената за килограм тутун да се знае однапред една година, а не по бербата, вели Фазлич.

Вакви и слични ситуации тој опишува и за другите земјоделски производи. Произведува домати и пиперки, за кои исто така има ниски откупни цели и вишок производство на пазарот.

-Одгледував  жито на 15 до 20 декари земја, и сега слегов на само 5 декари, бидејќи според мене оваа е мртва култура со толку ниска откупна цена. Каде се трошоците за нафта, над 60 денари за литар, за комбајнот  плаќаме по 700-800 денари  по декар, каде се трошоците за ѓубрива , кога сето тоа ќе се собере  немам веќе сметка да произведувам  жито, се пожали овој земјоделец.

Фазлич е сточар, одгледува и кози, но како што вели и тука се соочува со проблеми при откупот на млекото.

-Нема млекарница што откупува козјо млеко, иако е најздраво за пиење. Кај мене доaѓаат луѓето да купат млеко колку за лек или за децата, но од тоа нема ќар. Имам десет кози, сакам да го проширам стадото, но ниту еден откупувач не е заинтерсеиран за козјото млеко. И како да се интересираат кога млекото се увезува без стратегија, а  нашето млеко се запоставува. Пред две години ги продадов  кравите токму заради ниската откупна цена на млекото. Дали и сега треба да го направам истото? Нашата држава не те остава да работиш и да заработиш, реагира овој земјоделец.

Тој укажува и на сериозна злоупотреба на државното земјоделско земјиште во атарот на Општина Долнени. Долненското поле како што вели е околу 500 хектари и е во рацете на десеттина земјоделци кои присвоиле и тоа што не им припаѓа.

-Мора надлежните институции да направат ревизија кој се зел државно земјоделско земјиште под наем и што користи надвор од тие површини. Никој не води сметка за самоволието на поединци кои ги узурпирале и површините кои не им следуваат. Распределбата на земјата треба да биде еднаква и за помалите земјоделци кои во случајот се засегнати, вели Фазлич.

Според него треба да има измени и при доделувањето на земјоделски машини и помошна механизација од страна на Платежната агенција. Реагира дека земјоделеците мора најпрво да ја платат целата сума за машината, а потоа државата да им врати дел од средствата, но како што напоменува малкумина земјоделци се во можност да го платат целиот износ на механизацијата, без оглед дека дел од парите ќе си ги земат назат.

„Зелена берза“

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close