fbpx
Видео/интервјуаТоп вести

Земјоделците бараат совети од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството како да се справат со климатските непогоди

 

Климатските промени силно удрија врз земјоделските стопанства во Македонија, па земјоделците бараат чаре како да се справат со последиците. Градот и невремето направи штети врз родот во повеќе региони во државата  и им зададе главоболка на земјоделците. Како да се справат со природните непогоди е најчестото прашање  што земјоделците им го упатуваат  на стручните тимови во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола.

Ана Вељановска Трајчевски, земјоделски инженер, агроном по растително производство, вработена во  Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството за „Зелена берза“ вели дека советите кон земјоделците, особено сега, се насочени токму кон овоштарите кои претрпеа тешки загуби во изминатите години заради временките непогоди и градот.

-Во овоштарството, градот и невремето во последните 2-3 години, остави големи штети и последици врз растенијата. Ги советуваме земјоделците како да се делува анти-стресно и да се опорават овошките да се вратат  во нормала, да не дојде до сушење, посебно кај повеќегодишните насади. Препаратите на база на аминокиселини и морски алги делуваат анти-стресно и со голема шанса да се опорават од природните непогоди. Едно е јасно дека мора да се следи трендот за хемиска заштита на растенијата, вели Вељановска Трајчевски, советник за растително производство.

Македонските земјоделци без оглед на возраста и искуството имаат потреба од стручна помош околу своите земјоделски стопанства. Повозрасните искусни земјоделци, но и младите  и помалку искусни за поголем и подобар род и за напредок во фармите се консултираат со стручните лица од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Вработените, пак, во Агенцијата, експерти, секој во својата област, имаат задача да ги следат новитетите, европските и светски трендови во земјоделието и да ги советуваат земјоделците како тоа да го применат.

-Постарите земјоделци ги знаат работите според поминатите години искуство, но сепак има толку многу новитети што се подготвени да ги слушнат  и се’ почесто ги применуваат нашите совети, тука не заостануваат ниту младите земјоделци кои се желни да научат и ги прифаќаат современите практики во земјоделието. Доаѓаат земјоделците и  бараат совети за агрохемиска анализа на почва, какво ѓубриво да користат и кога, што да користат за прихрана и кога, како да земат примерок од земјата за лабораториска анализа.  Едноставно земјоделците имаат доверба во нас и покрај нивното искуството и навиките што ги стекнале. А ние постојано сме на терен за нив како советодавана служба, вели Вељановска Трајчевски.

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и во суштина е основана заради давање на стручна помош на земјоделците и сточарите, а со цел зголемување на квалитетот и квантитетот на земјоделското производство и негова поголема искористеност и економска оправданост.

Советниците согласно годишниот план за работа на Агенцијата, како и во зависност од потребите, своите работни задачи ги извршуваат на терен со директни совети од областа на сточарството, растителното производство, нудејќи им ја комплетната техничка помош на земјоделците при аплицирањето за финансиска помош по мерките од Националната програма за рурален развој и ИПАРД програмата.

-Тука сме за земјоделците и кога аплицираат за владините програми за рурален развој или ИПАРД програмата. Им помагаме да го изработат  деловниот план или буквално им подготвуваме се’ што има треба во пликот за аплицирање, наведува агрономот Вељановска Трајчевски.

Она што според неа е новина е добра земјоделска хигиенска пракса во земјоделските стопанства, што во иднина ќе биде поврзано и со субвенционирањето на земјоделското производство. Тоа ќе значи и издавање на прирачник како да се доближиме до европското производство. Односно давање помош на земјоделските производители за установување евиденција во врска со земјоделското производство, негова рентабилност и економичност.

-Секој еден земјоделец ќе мора да води евиденција, дневник за секоја парцела што засадил, обработката, кога наѓубрил со што и во колкава количина. На кој начин да постапува со растителните остатоци, и се’ што подразбира добра земјоделска хигиенска пракса, потенцираше Вељановска Трајчевски.

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството функционира на целата територија на Р. Македонија, во 30 градови, групирани во 6 региони: Регион Битола, Скопје, Штип, Куманово, Струмица и Тетово, со дирекција во Битола и 44 дисперзирани канцеларии.

 

„Зелена берза“

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close