fbpx
ВестиСоветиТоп вести

ГОЏИ-БЕРИ ОДГЛЕДУВАЊЕ

Растението Гоџи бери потекнува од Тибет од фамилијата Lycium barbarum и се смета за храна и лек за долг живот. Се нарекува уште и „црвен дијамант“ во медицината, „среќна бобинка“, „волчја бобинка“. Се смета за природен лек за ревитализација на општото здравје на организмот. Истражувањата потврдија дека Гоџи плодовите содржат 18 аминокиселини кои се неопходни за организмот, 21 минерал, многу витамини, аминокиселини и останати состојки кои се потребни за зајакнување на имунитетот на организмот, кој е предуслов за здрав и долг живот на човекот.

Оваа култура расте од 1 до 3 метри висина, плодот е со црвенкаста боја со должина до 2 сантиметри и содржи од 20 до 40 ситни семки. Се консумираат сурови или сушени, а најпопуларни се поради своите антиоксидативни својства. Она што е значајно за одгледувањето на ова растение е фактот што е отпорно на болести и штетници, но го напаѓаат габични заболубања на листовите и плодовите. Превентивно се заштитува слично како виновата лоза, со бакарни препарати и со црвено масло пред почетокот на вегетацијата. Одредени штети може да предизвикаат зајаците и птиците и се препорачува употреба на мрежи за заштита од птици.

Садењето се врши од половината на април, па сѐ до доцна есен, а кога се сади во лето, растението треба задолжително да се наводнува, а во водата треба да се додава и храна. Може да се примени и фолијарна прихрана на месечна база. За плантажно одгледување, каде што обработката на почвата се врши механизирано, растојанието меѓу редовите треба да биде 2,5 до 3 м, а меѓу садниците 1,5 м. Тоа значи дека, во зависност од конфигурацијата на теренот за 1 декар потребно е 250 садници. За помали насади или за домашни градини, каде што обработката на почвата се врши рачно, растојанието меѓу редовите и меѓу садниците може да биде 1,5 м. Гоџи најдобри приноси дава на исцедени и добри дренирани почви со pН од 5,2 до 8,6. Растението се бере втората или третата година, во зависност од староста на насадот, но има хибриди кои даваат род и првата година. Просечниот принос е поголем од 5 кг по стебло, а во некои земји, како што е Кина, има приноси и до 8 кг од стебло. Во северната хемисфера цветовите се јавуваат во јуни и бобинките зреат од јули до октомври.

Плодовите треба да се соберат пред првите мразеви. Тие се берат рачно и внимателно во мали садови за да не се оштетат, бидејќи се транспортираат свежи. Може да се берат и со тресење на платно. Плодовите по берба треба да се стават на ладно. Доколку плодовите се сушат, тие се ставаат на сонце, може да се исушат со механичка дехидратација или пак, да се замрзнат. Сушените бобинки имат рок на траење повеќе од една година. Супериорното овошје GOJI BERRY, исто така прилагодено е за нашето поднебје. Гоџи бери може да претставува важно растение за човекот, за плантажно одгледување, исплатливо од економски и нутритивен аспект.Повеќе информации може да се дознаат кај советниците од  АПРЗ.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close