fbpx
ВестиТоп вести

Академик Ѓорѓи Филиповски во интервју за Бразди: Плодната почва треба да ја зачуваме за идните генерации

Академик Ѓорѓи Филиповски во интервју за Бразди: Плодната почва треба да ја зачуваме за идните генерации

 

Академик Ѓорѓи Филиповски  е основоположникот на современите педолошки истражувања, единствениот жив од основачите на земјоделско – шумарскиот факултет и УКИМ и единствениот жив од тројцата основачи на МАНУ. Објавил над 200 научни трудови. Негово капитално дело е Почвите на Република Македонија во 6 томови во издание на МАНУ. Во 2016 е промовирана напишаната студија од 250 страници во која се објавени резултатите од седум децениските истражувања на почвите на Република Македонија заедно со Педолошка карта. Неодамна наполни 100 години од својот живот.  

Почвата е природен ресурс како што се растенијата, воздухот и слично. Наша задача е природните ресурси вклучително и почвата да ги зачуваме и да ги унапредуваме а не да ги уништуваме. За жал ние не водиме доволно сметка за природните ресурси вклучително и почвата. Почвата е таа која ни дава храна и облека и без почвата нема живот на земјата. Постои фама во нашето општество дека ние сме толку богати со почвите што можеме не само себе да се исхраниме туку и многу други околу нас. Тоа е само фама, не е вистина. Ние мораме да сфатиме дека нашата земја е планинска земја. Две третини од површините се планини каде нема земјоделски почви туку тоа се шумски и пасишта.  Земјоделството се одвива во котлините. Спрема тоа нашиот земјишен фонд е ограничен. За жал и тие мали површини кои ги имаме не се обработуваат сите, од разни причини а и заради тоа што младите луѓе ја напуштаат нашата земја. Нема многу млади заинтересирани да работат во земјоделството.

-Дали имате чувство дека многу лесно правиме пренамена во градежно земјиште на еден ресурс кој што неповратно се губи на тој начин. Не може потоа да го вратиме да биде плодна ораница?

Академик Ѓорѓи Филиповски :Таа мала површина што ја имаме и по квалитет не е како што би сакале да биде да кажеме како на пример во Војводина. И таа мала површина за жал ја користиме за други цели како инфраструктури, за градежни објекти и слично. Така што тој фонд што треба да го зачуваме ние на следните генерации не го предаваме поголем и поквалитетен туку напротив им оставаме помалку површини и се по неквалитетни и деградирани.

-Кој е аманетот ваш. Која е пораката до надлежните кои можат преку политиките кои ги кројат да придонесат  да се зачува тој плоден почвен слој кој ни е суштината и основата на целото земјоделско производство­ ?

Академик Ѓорѓи Филиповски :Ние не само што не ја чуваме почвата туку ја загадуваме и ја уништуваме . Мојата порака е задача на нашите генерации е не само почвата туку сите други природни ресурси најмалку што можеме е да ги зачуваме. Ако ги зачуваме ние само стагнираме, ако ги уништуваме ние назадува а ако успееме да ги унапредиме дури тогаш можеме да одиме напред. Ние за жал сега одиме назад бидејќи и тој мал фонд на различни начини го оштетуваме и уништуваме.

-Како ретко која земја Македонија има педолошка карта, што е едно капитално дело кое благодарени на вас и тимот на професори и експерти со кои соработувавте го оставате за идните генерации како темелот од кој натаму ќе се гради просперитетно земјоделско производство. Кога ќе се погледне првиот впечаток е дека земјава е вистински музеј на почви. Дали знаеме правилно да ја искористиме таа разновидност и дали тоа ни е хендикеп или предност ?

Академик Ѓорѓи Филиповски  :Јас ги испитувам почвите 70 години. Заедно со мене и моите соработници. На почетоците бев сам а покасно станавме поголем тим. Сите учествуваме потоа заедно и ги проучивме сите почви, практично во секое село буквално секој чекор. Сето тоа беше направено со многу труд и работа ама не можевме никако да ги објавиме тие резултати заради немање пари. Баравме од државата, ни ветуваа ни даваа пари па потоа со ребаланс ни ги земаа парите. Најпосле се обративме до Фао- меѓународната организација за земјоделство и храна и за жал тие покажаа поголем интерес отколку нашите луѓе за нашите почви. Ни дадоа околу пола милион долари и ни дадоа соодветни програми ни понудија и експерти и успеавме да ја изработиме педлошката карта. Еднаш за цела република во размер

1: 200 000 плус 67 карти одделни во размер 1: 50 000 во печатена форма. Истото тоа, за прв пат на Балканот, се издадоа и картите во дигитална форма. На интернет секој може да ги користи тие карти. Со еден клик ја добивате картата, потоа избирате место или сте избрале некое село каде сакате нешто да одгледувате а не знаете каква е почвата таму. Ќе добиете од картата каква е почвата таму, со друго кликнување ќе ги одбиете и сите резултати од анализите на најблискиот профил. Такво нешто ниту една земја на Балканот немаше направено и ние во тој однос ако треба да се пофалиме, нашата мала република смогна сили да ги проучи почвите многу подобро од било кој од соседите. Во науката нема нешто што е вечно проучено. Доаѓаат нови сфаќања, нови потреби и треба сега новите генерации педолози да продолжат со истражување особено на оние проблеми кои стануваат многу значајни а тоа се запазувањето на квалитетот на почвата, борбата против ерозијата, борбата со загадувањето, проширување на наводнувањето и одржување на каналите за одводнување. По војната ние мелиориравме околу 80 илјади хектари блатна површина која стана една од најплодната почва што ја добивме. Успеавме да изградиме акумулации и каналска мрежа за некаде 120 илјади хектари а сега не знам дали и половина од тоа наводнуваме.

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close