Водостопанство Кочани: Без договори нема наводнување
Водостопанство на Македонија подружница „Брегалница“ од Кочани иако успешно ја заврши наводнителната сезона за оваа година, продолжува со своите активности на терен за склучување на договори со земјоделците-водокорисници за наредната наводнителна сезона 2018 година.
– Обврска за земјоделците е да склучат договор согласно членот 20 од Законот за Водостопанство во кој стои дека снабдувањето со вода за наводнување ќе се врши врз основа на склучен договор.Токму оттука ја продолжуваме засилено активноста за склучување на договори со земјоделците за наредната наводнителна сезона 2018 година. Досега се склучени 2.000 договори, а нашите очекувања се дека до крајот на годината бројот на потпишаните договори ќе биде двојно зголемен, ни изјави Николчо Гоцев, директор на Водостопанство „Брегалница“ од Кочани.
– Минатата година оваа законска обврска во кочанското водостопанско претпријатие ја имаа остварено 7.000 водокорисници. Со оглед на фактот што во наредниот месец ќе започнат подготовките за изготвување на новиот план за наводнување, како и јавните расправи по истиот, неопходно е договорите да се склучат навреме, истакна Гоцев.
Што се однесува до наплатата на водниот надоместок за минатата сезона, истата била на задоволително ниво, а деновиве земјоделците ќе започнат да ги добиваат фактурите за наводнителната сезона што официјално заврши пред неколку дена.