Пелагонија
Со проектот „Симбиоза“ ЈКП „Комуналец“- Битола и ЈП „Комунална хигиена“ од Општина Новаци за првпат органскиот отпад ќе го претвораат во ресурс.
Од денеска „Комуналец“ ќе започне со селективно собирање на органскиот отпад кој нема да го фрла на депонијата Мегленци, туку ќе го преработува и од него ќе прави компост кој ќе го користи како ѓубриво во своите расадници и на јавните зелени површини. Значи ќе се селектира органски зелен отпад, остатоци од косење, режење и слично, отпад од храна од хотели, ресторани, домаќинства, индустриски био отпад , додека од ЈКП „Комунална хигиена“ од Општина Новаци ќе се врши собирање на земјоделски отпад и отпад од сточарството.
За селектирање и преработка на органскиот отпад набавени се 2000 канти од 120 литри, 200 канти од 240 литри и 35 контејнери со кафеава боја што според меѓународните стандарди означува дека се сертифицирани за собирање на органски отпад. Набавен е и камион за собирање на отпадот и машина компостер која ќе го преработува отпадот во органско ѓубриво –компост.
Набавката на оваа опрема е околу 250 илјади евра гранд од Европската Унија и Националните фондови на Р.С.Македонија.
-Ќе потпишеме договори со десет фирми кои произведуваат органски отпад. Бесплатно ќе им дадеме контејнери.
Кантите ќе ги поделиме бесплатно на домаќинствата со цел и тие да започнат со селектирање на отпадот. Органскиот отпад потоа ќе се преработува во компостерот од 14 до 28 дена, и наместо отпад на депонија ќе добиеме високо квалитетно органско ѓубриво –компост кој ќе го користиме во нашиот расадник. Значи за првпат во нашиот регион отпадот не е повеќе отпад туку ресурс, изјави на презентацијата на проектот Панде Богоевски, директор на ЈКП „Комуналец“-Битола.
Дејан Петровски проект менаџер во ЈП „Комунална хигиена“-Новаци вели дека претпријатието од овој проект има свои бенефити и придонеси .
-Вкупната сума на проектот изнесува околу 850 илјади евра, од кои ние како партнер имаме околу 62 илјади евра. Овој проект подразбира собирање и рециклирање на отпадот, рече Петровски.
Проектот е финансиран од Интерег програмата на ЕУ за погранична соработка со Република Грција и националните фондови на земјите учеснички. ЈП „Комуналец-Битола е водечки партнер на проектот, а партнери се ЈП „Комунална хигиена од Општина Новаци и „Движење за околината –Молика“ од Битола. Од страна на Република Грција се вклучени „Дијадима“ компанија за управување со отпад од Кожани, „Инополис“-Центар за иновации и култура и националниот технички Универзитет од Атина.Проектот се спроведува во период од мај 2018 до мај 2020 година.
-Ова потврдува дека современите текови во третманот на ѓубрето во нашата општина се третираат онака како што се по стандарди во светски рамки, изјави градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Измина повеќе од една година од имплементацијата на овој проект, период во кој ЈП „Комунална хигиена“ од Општина Новаци набави опрема вредна повеќе од 30 илјади евра, трактор, мулчер и 15 контејнери, рече Љубе Кузмановски градоначалник на Општина Новаци.
-Голем ќе биде бенефитот во зачувување на животната средина за што треба сите ние максимално да се вложиме. Општина Новаци како лидер во искористувањето на европските фондови знае колку е важна соработката меѓу нашата држава и соседна Грција. Затоа сега и во идина ќе стоиме на располагање за спроведување на успешни проекти за доброто на граѓаните од двете држави. Во Општина Новаци во моментот се спроведува уште еден проект од оваа програма. Ќе продолжиме да ги користиме средствата од европските фондови и во наредниот период 2021-2027 година, рече Кузмановски, градоначалник на Општина Новаци.
Анета Блажевска