fbpx
ВестиТоп вести

Вардар ги голта нивите во Општина Јегуновце

 

Нерегулираното корито на реката Вардар во делот каде што поминува низ Општина Јегуновце, ги голта земјоделските обработливи површини. Најголема трагедија се случува во населеното место Копанце, каде коритото на реката се проширува на сметка на нивите кои се претворени во мали езерца. Секоја година површините исчезнуваат. Ако не се спречи ваквата појава, можно е да исчезнат околу 200 декари земјиште, претежно засадено со грав пченка и пченица.

-Ова се случува можеби седум години по ред. Досега се уништени 5 до 6 хектари земјоделска површина, кои буквално пливаат во вода. За нив веќе нема спас. Работава е да ја спасиме останатата површина. За овој проблем сме се обратиле и до централните и до градските власти. Но сите велат ќе видиме ќе направиме нешто, но на терен ништо не се случува, вели Меметали Алити земјоделец од населеното место Копанце.

Тој вели дека пред неколку години можело со многу мали средства да се превенира, односно да се изгради потпорен ѕид претежно од камења со насип,  и така би се спречило проширувањето на коритото. Но, сега вардарот зел голем замав, и сега потребни се многу големи средства за регулација и ставање под контрола на коритото.

-Пред неколку години кога алармиравме можеше да се санира местото со многу малку пари, со неколку илјади ерва, но сега местото е многу нестабилно и ќе треба поголеми средства и проекти за да се санира и спречи понатамошно проширување на коритото. Ние велевме подобро да се спречи, отколку да се лечи, но тогаш никој не не слушаше, рече земјоделецот Алити кој одгледува 6 хектари земја, од кои неколку декари веќе му се под вода.

 

 Поради чести поплави, земјоделците се откажуваат од нивите.

 

Нивите во Општина Јегуновце речиси секоја година се поплавуваат поради излевање на реката Вардар. Коритото не е регулирано буквално во целиот полошки регион. При поголеми поројни дождови водата се излева и ја поплавува површината. Обично поплави има во пролетниот период, кога поради топењето на снегот се зголемува нивото на Вардар .

-Ние кои имаме ниви покрај Вардар искрено и не ги засадуваме. Бадијала е да ги засадиш, кога знаеш дека Вардар или на пролет или на есен ќе ги поплави. Може имаме среќа некоја година нема да се излее Вардарот, но земјата веќе ги изгубила хранливите вредности поради претходните поплави. А тука населението егзистира претежно од земјоделие. Сега и Југохром го затворија и опстанок гледаме само во нивите, но реката и тие ни ги зема, рече еден земојделец од тетовското село Раотинце.

Досега многу влади беа сменети и секоја од нив ветуваше дека ќе го регулира коритото на реката Вардар во Општина Јегуновце. За таа цел имаше изготвено проект, кој сега е стар речиси две децении. Но проектот засега се реализираше само на хартија и на ветувања. После секоја поплава, на најпогодените места доаѓале министри, градоначалници и разни владини и општински фунционери. Пред јавноста ветувале дека ќе го регулираат коритото. Но наместо тоа ќе се појави војската ќе постави неколку насипи покрај реката која сама од себе ќе се повлече и истата приказната со поплавите ќе се повтори или на есен или на пролет.

 

Ќе се регулира коритото на Вардар во целиот полошки регион?

 

 

Сега општинската власт ветува дека коритото на реката Вардар не само во Општина Јегуновце туку и во целиот полошки регион ќе се регулира. За таа цел има изработено сосема нов проект.

-Ќе се регулира коритото од Гостивар до излез на Општина Јегуновце. За таа цел веќе се одобрени пари, а изработено има и нов проект. Средствата се обезбедени од Швајцарската влада. Конечно овој долгогодишен проблем ќе се реши, и приоритет за првична регулација ќе имаат најризичните места во Општина Јегуновце. Мислам дека градежните активности за регулација на коритото ќе започнат оваа година, но мора најпрвин да поминат претседателските избори, рече градоначалникот на Општина Јегуновце Дарко Блажевски.

Во Општина Јегуновце речиси и не постои индустрија и производствени капацитети, но надлежните засега не преземаат мерки за најголемиот проблем што ги мачи селаните од овој регион регулацијата на коритото на река Вардар, од кое зависи развојот но и опстанокот на земјоделските гранки во населените места во оваа рурална општина од долнополошкиот регион.

Зоран Димовски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close