Зголемени приноси на ориз од употребата на „Тераграмин“ во Кочани
Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во соработка со фирмата „Скопски легури“ од Скопје на експерименталните површини поставени со опит со средството „Тераграмин“ на оризово поле кај селото Чифлик, денеска со жетвата на оризот ги добија очекуваните резултати.
Валентин Захариев од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кочани, објасни дека опитот бил поставен на површина од еден декар и до неа споредбена површина без аплициран „Тераграмин“.
– Целта беше да се види влијанието на овој нус производ врз структурата на почвата и растот на растенијата. „Теарграминот“ всушност претставува нус производ при производството на силико манган. Позитивно влијае врз физичко – механичките и водно – физичките својства на почвата. Ја подобрува нејзнината структура т.е водниот, воздушниот и топлотнот режим на почвата. Ја прави лесно растресита со што станува полесна и поекономична за обработка. Со својата хидроскопност впива голема количина на влага која што постепено ја испушта, а со тоа ја одржува влажноста на почвата подолго време. Добиените приноси наместо 300 килограми од декар достигнаа 900 килограми од декар, што се над очекувањата, изјави Захариев.
Захариев истакнува дека ефектите од аплицирањето на „Тераграмиот“ врз приносите на оризот се покажале како мошне успешни, притоа истакнувајки дека во наредната сеидбена сезона ќе се применува ова средство кај оризовата култура во кочанско.