ВестиТоп вести

Во животниското царство на Трајко Димитриевски

Виетнамски прасиња, холандски белокапи кокошки, феникс, златен селебрит, руски лепезани, кинеска мевица, опатица, зајаци, пајки и што ли уште не ќе најдете во животинското царство на Трајко Димитриевски од с.Долно Оризари битолско. Најразлични, ретки птици и животни се дел од секојдневието на Трајко. Покрај неговата професионална обврска во градежништвото секој ден наоѓа време да се подружи со нив и да си направи одмор на душата.

Зелена берза беше во посета на ова царство  и имаше можност да ужива во убавините  на птиците и животните.

Љубовта кон птиците Трајко ја негува од мали нозе. Не бил свесен дека детската игра со неколку украсни коковчиња ќе прерасне во хоби.

„ Ова хоби ми е  омилено уште  од 5 годишна возраст. Тогаш имав 5-6 коковчиња од оние малите „џентелчињата“ и со нив почнав.  Потоа почнав  и со гулаби, ваму таму, за сега да имам и други ретки видови птици и животни, вели  Трајко Димитриевски. Имам приштинки или косовски пејачи, головрата брама, падонери, шпански борци, украсни гулаби… Ова е чисто само од љубов и мерак. Ко ќе си дојдам дома  да си ги одморам очите, инаку не за бизнис. Немам многу простор, ама се снаоѓам, тоа што го имам гледам да го искористам.  Сам се снаоѓам за кафези и други работи, немам  од некој друг помош за тоа“, додава тој.

Дворот на Трајко наликува  на  мини зоолошка градина. Кога ќе влезете веднаш ќе забележите прасиња, но не било какви прасиња туку виетнамски. На нашите простори прасињата повеќе ги бараат за храна, но во  други земји  ги одгледуваат како миленичиња, објаснува Трајко. Имаат квалитетно месо и лесни се за одржување не ги фаќаат многу болести, не бараат вакциирање, единствено треба да се води грижа  од глисти, посочува тој.

„Кај нас уште не се запознаени луѓето со овие раси,  ретко земаат за миленичиња, но најмногу ги земаат во Грција и за во двор како милениче и за јадење“, вели Трајко.

 

Прасињата како што ни рече ги набавува од Србија и ги продава по 50 евра од парче. Обично ги дава во пар, машко и женско, кои не се во крвно сродство за да може сопственикот да ги плоди.

Во неговот животинско царство може да се најдат, зајаци, фазани пауни…

Одгледувањето на ретки украсни птици и животни не е едноставно и за тоа е потребна посветеност и многу љубов. За разлика од другите градови во државата каде ваквите одгледувачи се организирани, во Битола тоа не е случај. Се организираат изложби и посети од страна на ученици  од училиштата, и децата имаат можност подобро да се запознаат со видовите птици и животни. Кај некои ваквата работа е премината и во бизнис.

Како што објасни Трајко тој не сака да ги одгледува за бизнис, но ги продава за да може да обезбеди храна и потребни лекови.

„Од нив за нив. Се организираат и натпревари но не учествувам бидејќи  има големи неправди,  исто како и во политиката, затоа не можеме да просперираме никогаш, појаснува Трајко. За да чуваш некоја птица или животно  прво треба љубов и не може секој да чува. Не е само земи го и остај го. Треба да се набават, па да им се даде лекарства, па витамини , не може само земи го и ќе го раниме само со пченка и пченица. Тоа го нема кај нас. Немам сосптвено производство за храна, купувам пченица, пченка, јачмен, сончоглед, маслена, просо, зависи  што јади, за секое си има посебна  храна“, вели тој.

Учеството на саеми и изложби е многу важно за едно вакво хоби. На таквите настани може да се видат многу видови,  а размената на искуства  е од големо значење за одгледувачите.

„Вакви саеми има скоро низ цела Србија, пролетна, летна и есенска изложба , секоја недела има негде изложба. Тие таму имаат покровители и некој ги поддржува. Станува збор  за  меѓународни изложби. Карактеристично е тоа што таму најприсутни  се жените. Тие најногу и се многу информирани, за разлика од кај нас, каде ретко може да се најде жена со вакво хоби. Овде во Прилеп нешто се организира, во Тетово и Скопје, но тоа не е доволно“, вели Трајко.

Во целата работа околу неговото хоби најголема поддршка добива од семејството. Кога тој е наработа грижата околу птиците и животните ја презема некој челн од семејството, синот, ќерката или сопругата, никогаш не се оставени без вода и храна.

Засега на Трајко ова му е хоби и не размислува за бизнис. Смета дека за тоа е потребна поголема поддршка од локалната и пошироката заедница. Вели дека додека може ќе ги одгледува и како што ќе налагаат условите така ќе се однесува.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close