Производство на органски бадеми, органска јапонска јаболка која се преработува во финален производ како сушена и насад под сливи без семка кои наскоро треба да го изминат периодот на конверзија и тие да станат органски. Сето ова на околу 18 хектари површина е наследството кое со гордост продолжуваат да ја градата својата успешна приказна браќата Горан и Кристијан Балески од Валандово.
Идејата и желбата за органското доаѓа од нивниот татко кој бил биолог и уште од 2003 година ја всадил љубовта кон органското но пред се и кон земјоделството кај своите деца. Поголемиот Кристијан има 27 години магистер по правни науки, но нема намера да се оддели од земјоделството и помалиот Горан кој има 23 години и е при крај со студиите на факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје на насоката агро-економика. Едниот вели залутал во правото но сега е на вистинското место а другиот вели дека доста научил на факултет што сега може да им помогне преку практична примена. Вистински пример се како младите може во сопствената држава да изградат успешен агробизнис со доста љубов, труд и следење на новитетите кои им стојат на располагање.
-Денес со еден клик на интернет може да се информираш за се што те интересира. Со еден меил може да оствариш контакт, да дадеш понуда а преку Скајп или Вибер можеш да се слушнеш и да направиш зделка било каде во светот. Новото време и новите технологии нудат поголема можности во споредба со порано кога сите средби биле пред кооперација или за некаква зделка морало да се чека еднаш во годината некој саем да се посети, смета Кристијан Балески млад земјоделец од Валандово.
И додека сите мака мачат со пласманот на јапонските јаболка овие двајца млади земјоделци активно работат на пробивање на пазарот со нов производ – сушено јапонско јаболко кое има многу предности за продажба.
-Во моментов се почнати бербите на јапонското јаболко и ние имаме првично испитувано во еден мал дехидратор како да се добие квалитетен производ за кој работиме и на негово брендирање и на отворање на пазарите. Сушеното овошје има додадена вредност, го продолжува рокот на употреба, нема додадено шеќери и има зголемен процент на антиоксиданси што го прави добар финален производ кој може цела година да се продава без да се ограничуваш само на неколку недели за продажба. Планот е наскоро да се земе и голема сушара со голем капацитет за да може се да се преработи како што сакаме, рече Горан Балески.
Овие двајца млади луѓе ги запознавме на настанот кога им се доделуваа проекти на задругите. Тие заедно со уште десетмина земјоделци органски производители на бадем и јапонско јаболко ја формирале првата органска задруга. Преку задругата добиле и современа машина за берба на бадемите, имаат и магацин со машина за кршење, лупење и пакување на бадемите која исто така ја користат заедно за да биде исплатливо а се една од ретките задруги кои бараат и вклучуваат и нови членови. Нивната идеја за здружувањето е да се посериозни пред странските купци со поголема понуда која ќе биде унифицирана како и зголемена рентабилност, нешто што и пред да биде вака официјално го правеле во директната соработка која ја имале меѓу себе. Освен преку разните проекти со кои се поддржуваат задругите тие и двајцата имаат конкурирано за мерките млад земјоделец и очекуваат со новините и со зголемената поддршка да си ја обноват механизацијата.
-Не е дека не сме размислувале за странство ама 15 години ова што го имам го градиме и не ни се напушта по никоја цена. Сите планови ни се околу проширување, здружување и освојување на странски извозни пазари а не да заминеме во странство, додава Горан Балески.
-Ова е благородна работа да произведуваш храна и тоа органска која не е штетна прво за нас па потоа и за сите за кои е наменета. Органското е едноставно, имаш само бакар и арско ѓубре. Извозот бара стандарди и бара квалитет и ние на тоа сме фокусирани, рече Кристијан Балески.
Плановите за во иднина им се амбициозни но прво сакаат да го развијат задругарството каде секој од членовите би имал што повеќе финални производи па со така широка палета да се освојуваат пазарите. Сега со новите правила
преку Ипардот со можноста за пред финансирање многу полесно ќе се оди на инвестиции и модернизација за остварување на целта.
З.Б.