Зголемен интересот на земјоделците за средствата од ИПАРД 2
На првиот оглас од ИПАРД 2 програмата зголемен е интересот на земјоделците за користење на парите од европскиот претпристапен фонд. За разлика од претходните години, сѐ повеќе се аплицира за ко-финансирањата на инвестиции за обновливи извори на енергија и во капацитетите за рурален туризам. Огласот ќе трае до 23-ти јуни.
Наместо досегашните 50 односно 55 проценти, стапката на кофинансирање во првата мерка за инвестиции во земјоделските стопанства, може да се зголеми и до 70 отсто во планинските подрачјата со ограничени можности.
Исто така новина е и воведувањето на житните култури како прифатлив сектор за инвестирање и инвестирањето во обновливи извори на енергија. Дел за сопствено користење на енергијата, а дел за нејзина продажба.
ИПАРД 2 програма има на располагање околу 60 милиони евра Европски пари на кои се додаваат и дополнителни средства од македонскиот буџет.
На земјоделците, бизнис операторите и корисниците кои ќе користат средства од ИПАРД 2, им стојат на располагање и Гарантниот фонд за покривање на дел од хипотеката, субвенции за покривање на трошоците за половина од банкарските камати и готови бесплатни типски проекти за фарми.