fbpx
ВестиТоп вести

Одгледување боровинки во вреќи – нов хит во земјоделството

 

Во потрагата што да се одгледува на нивите земјоделците секогаш размислуваат како и дали на крајот производот ќе се продава лесно и дали има добра откупна цена. Ништо не е тешко да се произведе како што е тешко произведеното да се продаде. Тргнувајќи од ова во Струшко во селото Дрслајца наидовме на еден агробизнис кој од аспект на продажба е полесен бидејќи произведените боровинки се секогаш барани и постигнуваат добри цени но досега ограничувачки фактор беше начинот на одгледување. Сите обиди да се произведат боровинки беа со слаби резултати пред се бидејќи боровинката бара специфични агротехнички услови. Но во семејството Милошевски каде главниот збор го имаат помладите пречките околу одгледувањето на боровинката се целосно надминати и тие веќе успешно одгледуваат боровинка на еден хектар во специјални полиетиленски вреќи во кои во специјален украински тресет се засадени садниците на боровинка увезени од Полска.

-Се што е потребно за отпочнување на овој бизнис е од увоз. Освен садниците кои се првокласни мора да се увезе и специјален тресет со pH вредност каква што бара боровинката за да може успешно да расте. Водата со која се полеваат мора да се испита и доколку не одговара на киселоста на тресетот и во неа се става сулфурна киселина за да се коригира pH реакцијата. Само ако се задоволат овие принципи може да се очекува добар напредок на боровинките и постигнување полна родност во третата година. Веќе имаме големо искуство бидејќи порано се мачевме со стариот начин на одгледување на боровинки и секој што сака да започне со овој бизнис можеме да му помогнеме преку пренесување на искуството кое го имаме досега стекнато рече Маја Милошевска од Биомелан од Струга.

Ова е прв и засега единствен ваков насад под боровинки во земјава. Насадот е подигнат во април месец и досега успешно се развиваат садниците. Од заштита не бара ништо освен две до најмногу три третирања со фунгициди на база на бакар заради што може многу лесно да се извади и сертификат за органско производството бидејќи нема допир со почвата. Вкупната инвестиција во еден декар под боровинки според овој современ начин на одгледување е околу 3000 евра. Во еден декар се поставуваат 300 вреќи со садници кои секоја од нив пресметано со вреќата, тресетот, садницата и системот капка по капка чини по 10 евра. Во вкупната инвестиција треба да се планира и ограда за да не се случи насадот да ви го ограбат. Погледнато од приходната страна боровинката влегува во полна родност во третата година кога треба да роди најмалку по 4 килограми од грмушка што се 1200 килограми од декар. Откупните цени за првокласни боровинки годинава беа по 6 евра за килограм но пресметано и по 5 евра за килограм, цена под која досега не се случило да се откупуваат боровинките произлегува заработка од 6 илјади евра што целосно ги врача вложените пари. Од третата година па натаму останува само да се собира ќарот од овој нов начин на производство на боровинки.

-Плановите ни се веќе следната година да подигнеме уште еден хектар. Цените за извоз се одлични и побарувачката е голема така да нема што да размислуваме туку продолжуваме со инвестирање и зголемување на капацитетите рече Томе Негријоски од Биомелан Струга.

Во текот на понатамошното производство можна е механизирана берба што не ве прави зависни од работната сила која е се потешка за ангажирање.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close