fbpx
ВестиТоп вести

Свињарството пред сериозен предизвик

 

Македонија официјално од 1 октомври го запре процесот на вакцинирање на свињите по фармите против класичната свинска чума. Три месеци порано од најавениот датум за запирање на вакцинацијата агенцијата за храна и ветеринарство ја донела ваквата одлука бидејќи се создадени сите предуслови за да почнеме да чекориме по патот кој на крајот на 2021 година треба да ни донесе статус на земја која не вакцинира против класична свинска чума како еден од главните предуслови да извезуваме свинско месо на европскиот и светскиот пазар.

-Добивме известување од ветеринарните друштва дека имаат многу малку на залиха од оваа вакцина за што имаа време да ја потрошат, веледрогериите се изјаснија дека немаат на залиха вакцина а со решение запрен е и увозот на вакцини за класичната свинска чума како услов да ја нема во државата вакцината. Ние во текот на овој и идниот месец ќе одиме по фармите, ветеринарните друштва и веледрогериите да се увериме дека ја нема вакцината и дека нема да се употребува. Државата има договор со производител да се чува залиха кај нив во банка на залихи во случај да се појави болеста и во случај да не може да се добие битката со превентивни и биосигурносни мерки но она што е најзначајно е дека последниве години во Македонија ја нема оваа болест односно последен пат била регистрирана во 2008 година. Во регионот во Србија ја имаше во 2010 а во Бугарија во 2008 година но од тогаш до сега ја нема и веќе Бугарија доби статус на земја без класична свинска чума рече директорот на агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Шансите за извоз на свежо месо и живи свињи со запирањето на вакцинацијата се големи. Светски тренд е зголемена цена на месото и зголемена побарувачка заради недостигот кој се појави откако во голем број земји се уништуваа цели фарми како последица на африканската свинска чума а особено во Кина која сега бара месо свинско во неограничени количини. Македонија како земја ќе поднесе барање и до светската здравствена организација за заштита на животните каде процедурите се малку подолги но ако се биде како што треба и таму во Мај 2021 година би добиле официјален статус на земја која нема класична свинска чума и не вакцинира против оваа болест за да може секаде во светот да извезуваме. Но наш најблизок пазар е европскиот кој исто така има потреба голема од месо и таму ќе можеме од 1 Јануари 2021 година да извезуваме.

Од здружението на одгледувачи на свињи Гицко, ја поздравуваат ваквата одлука на агенцијата за храна и ветеринарство и сметаат дека ова може да донесе големи придобивки за секторот како и за државата.

-Одлуката да престанеме со вакцинација на свињите против класичната свинска чума е одлична можност до ни се отворат вратите за извоз на европските пазари од кои најголем фокус засега ни е можноста за извоз во Грција и Бугарија каде се бара месо и тоа добро се плаќа но единствена пречка ни беше вакцинацијата. Ќе биде потребно време од една година но штом ќе се отстранат пречките и почне извозот сметаме дека ќе се создадат и реални услови и за поголем развој на фармите и за зголемување на производните капацитети на земјава, рече Ефтим Шаклев претседател на здружението на одгледувачи на свињи Гицко.

Ако успешно ги спроведеме превентивните мерки и се заштитиме од опасноста од африканска свинска чума и немаме проблеми со тоа што престанавме да вакцинираме против класичната свинска чума на секторот му претстои светла иднина со отворени пазари кои бараат и плаќаат за свинско месо. Наше ќе остане само да го зголемиме производството и извозот и да ги искористиме предностите од статусот на земјата која нема болести во свињарството.

 

 

Состојба со африканска свинска чума

 

Во соседна Бугарија допрва почнува акција за масовен отстрел на дивите свињи откако имаат потврдени  65 жаришта со африканска свинска чума кај диви свињи како и во 33 мали фарми и во 7 огромни свињарски фарми и досега имаат загуба на 150 илјади свињи. Кај нас иако ја почнавме работата спротивно на Бугарија, сепак превентивните мерки засега имаат слаба реализација. Ловџиите досега имаат отстрелано и на испитување донесено мостри од 270 диви свињи иако владата им даде обврска да отсрелаат 3 до 4 илјади односно половина од вкупната популација. Од агенцијата за храна и ветеринарство укажуваат дека до 30 ноември ќе важи можноста за малите семејни фарми кои немаат биосигурносни мерки да ги заколат свињите да си го земат месото и од државата да добијат дополнително по 50 евра од грло субвенција.

Ќе мора да живееме со присуството на африканска чума, но притоа ќе треба да ги намалиме штетите, да ги сведеме на финансиски прифатливи зашто за заболувањето нема вакцина. Борбата се води само со биосигурносни мерки, рече Георги Георгиев од бугарската агенција за проценка на ризик со храна.

Дополни дека следната година, согласно промената на националното законодавство во Бугарија, сите што ќе сакаат да одгледуваат домашни прасиња ќе мора, задолжително да направат ветеринарна регистрација на објектите и да воведат биосигурносни мерки.

Директорот на АХВ Атанасов уште еднаш потврди дека во земјава нема африканска чума, но превентивните мерки се уште се спроведуваат и се подигнати на максимално високо ниво.

-Има критики дека сме направиле паника, но не е така. Мора да бидеме подготвени. Биосигурноста е единствената мерка со која може да се бориме против африкаснакта чума, рече Атанасов, додавајќи дека веќе и панамериканските земји го подигнуваат нивото на заштита со оглед дека се работи за т.н. скокачка болест која брзо се шири, за многу кратко време на илјадници километри одалеченост.

Атанасов и Ѓоргиев со денешното потпишување на Договорот за соработка ќе ги интензивираат заедничките активности кои, како што истакнаа, се клучни во ова време на глобализација и интензивна размена на луѓе, стока и храна.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close