300 илјади денари загуба и намален сточен фонд за околу 50% придонесе неработењето на сточниот пазар во Облешево
Големи се загубите на комуналното претпријатие во Облешево по тримесечната пауза со работа на сточниот пазар поради појавата на болеста Јазлеста кожа. Тоа што сточниот пазар беше затворен три месеци или вкупно 14 пазари значи голема материјална штета на претпријатието кое што стопанисува со пазарот. Загубите се огромни и кај сточарите. Сега веќе трет пазар откако е пуштена продажбата на крупен добиток. Сточарите редовно доаѓаат со потребната документација, но сточниот фонд е намален за дури 50%.
-Загубите се огромни на Комуналното претпријатие бидејќи голем дел од средствата ги даваме за лични примања на вработените и за другите трошоци за одржување на пазарот и ние немаме од каде да набавиме средства и затоа се е наш терет. Загубите се околу 300 илјади денари а сточниот фонд ни е многу намален, рече Стевчо Николов, раководител на сточен пазар Облешево.
Николов додава дека очекуваат состојбата постепено да се стабилизира во зависност од тоа колку стока ќе влезе во пазарот. Тој истакна дека доколку сточарите сакаат да продаваат своја стока на пазарот во Облешево, ќе треба со себе да понесат сертификат и потврда за вакцинација на добитокот, која не треба да биде постара 28 дена од последната вакцинација кај добитокот.