fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

50 милиони денари од Министерството за земјоделство за водостопанските подружници

Министерството за земјоделство ќе им помогне на земјоделците пред претстојните пролетни активности, посебно за наводнувањето, за што од државниот буџет е обезбедена и финансиска поддршка за водостопанските подружници, најави министерот за земјоделство, Трајан Димковски при неговата работна средба со земјоделците од Кочанско.

Состанокот го организираше локалната самоуправа на Кочани, како дел од серијата работни средби со индивидуалните оризопроизводители, претставниците на земјоделските здруженија, на откупните претпријатија за ориз и од ресорното министерство, а на кои се бараат решенија за проблемите со кои тие се соочуваат.

– Едно од важните прашања за кои разговаравме е поправката на пристапните патишта до нивите, што ни ги посочија самите земјоделци. Се работи за полски патишта во должина од околу 13 километри и ќе направиме напори да ги санираме пред почетокот на сеидбата на оризот. Исто така, ќе се оспособат премините за механизацијата преку наводнителните канали, за што во договор со водостопанската подружница, ќе се обезбедат соодветни цевки или друг вид технички решенија. Централно место во разговорите имаше и аерозагадувањето поради палењето на сламата и стрништата, поради што бараме поддршка и од ресорното министерство за поефикасно собирање на сламата и нејзина преработка во природно ѓубриво во пречистителната станица за отпадни води, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Министерот Димковски ја пофали иницијативата за соработка меѓу локалната самоуправа и земјоделците, за која рече дека е прва во државата, а е важна затоа што се работи и за еколошки прашања.

– Ова е добар знак и показател дека и локалната самоуправа може да се вклучи во решавањето на многу рурални, односно земјоделски проблеми. Иако ние издвојуваме средства за поддршка преку Програмата за рурален развој, исто така и општините можат да го прават тоа, а ваквиот пример овде, веќе дава резултати. Затоа, ќе ги разгледаме можностите како да ги поттикнеме и да ги поддржиме локалните самоуправи, посебно кога станува збор за палењето на стрништата. Во делот на подготвката на каналите за наводнување пред претстојната сеидба на оризот, веќе се преземени активности и се работи на терен. Ние, како министерство, за една недела ќе објавиме јавна набавка, со која за потребите на подружниците на АД Водостопанство ќе инвестираме околу 50 милиони денари за каналите, неопходните делови, градежни работи, вентили и слично, за системот да биде во функција. Сите репроматеријали што им се потребни ние ќе ги платиме од буџетот, за да ги зголемиме површините што се под наводнување, истакна министерот Димковски.

Заклучок од состанокот со земјоделците е слична средба да се одржи наскоро, пришто ќе се разговара за подршка при набавка на опрема и механзиација, посебно за собирање на оризовата слама и начините за транспорт до капацитетот за нејзина преработка во пречистителната станица кај селото Мојанци.

Извор: iportal.mk

Слични написи

Back to top button
Close