Преку програмата за Рурален развој на располагање се нови 91 милион денари за набавка на приплоден добиток односно, педигрирани машки и женски приплодни грла кози, високостелни педигрирани јуници ( со исклучок на расата Буша), педигрирани машки и женски приплодни грла овци од увоз или од признати организации. Ова денеска на прес конференција го соопшти директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Тој посочи дека претходно за оваа мерка на располагање беа само 14 милиони денари. Со оваа драстично зголемување на средствата, како што истакна Бабовски, даваме стимул за развој на сточарството во земјава.
Сите заинтересирани ќе може да достават барања за добивање на финансиска поддршка до 11- ти април 2019- та година.
„Новина е тоа што од овој повик сите баратели прво треба да достават барање за користење на средства, откако ќе склучат договор, да ја отпочнат реализацијата инвестицијата. Претходно, прво се набавуваше приплоден добиток, па потоа се бараше поврат на средствата. Со оваа новина која е на барање на фармерите покажуваме дека навистина се грижиме за сточарството и за зголемување на добиточниот фонд.“- истакна Николче Бабовски, директор на АФПЗРР.
Право на користење на средства имаат следните субјекти: Земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Максималната вредност на прифатливи трошоци изнесува до 6.500.000 денари. Повратот на средства за оваа мерка се движи од 50 до 75 % од вкупната вредност на инвестицијата во зависност од тоа во какви услови се одгледуваат, дали носител на земјоделското стопанство е млад земјоделец или пак жена. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу 2 барања по различни мерки земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.
Бабовски, информираше и дека согласно измените на програмата за Рурален развој, барателите кои биле корисници на финансиска поддршка за набавка трактори преку ИПАРД Програмата и Националните програми за финансиска поддршка на руралниот развој за претходните пет години, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Сите фармери кои ќе сакаат да аплицираат за добивање на средства преку оваа Програма треба да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локација на инвестицијата, податоци за инвестицијата и електронски да ги прикачат потребните документите предвидени за мерка 121, подмерка 121.1. Барателите кои ги исполниле условите за користење на средства за мерките 121 се рангираат со бодување.
Со помош на оваа и на другите програми Владата на Република Северна Македонија, како и Платежната Агенција посветено работат на создавање на поволни услови за развој и унапредување на агро – секторот. Во таа насока, освен нови мерки, Платежната Агенција во изминатите три недели на сметките на близу 72 илјади лица, исплатени се над 35 милиони евра за субвенции.
„Од нив на 26.906 одгледувачи на житни култури исплативме 5,5 милиони евра. 16,2 милиони евра легнаа на сметките на над 33 илјади одгледувачи на обележани грла кози, овци, говеда и несилки, околу 9 милиони евра легнаа на сметките на над 15 илјади лозари . Додека 4,4 милиони евра легнаа на сметките на 11.428 одгледувачите на раноградинарски култури. Праксата за навремена и неселективна исплата на субвенциите продолжува и во иднина.“- истакна Бабовски
Владата со редовна исплата на субвенциите за земјоделците останува доследна во поддршката на земјоделството како една од носечките гранки на македонското стопанство, објавува АФПЗРР.