fbpx
ВестиВино

Намален родот на лозјата за 70 отсто поради зимското и пролетното мрзнење

За околу седумдесет проценти е намален родот на лозјата поради зимското и пролетното мрзнење, информираше лидерот на лозарите Љупчо Аризанов.

Годинешниот род го проценува на околу 60 милиони килограми грозје, за разлика од минатата година кога имало преку 200 милиони. Тоа се, рече, катастрофални последици какви што немало со години. Последици кои допрва ќе се почувствуваат во Тиквешијата како најголем лозарски регион во Македонија. Особено кај оние, кои живеат од производство на грозје.

Тој рече дека нема некои особени забелешки при самиот откуп на грозјето од годинешнава реколта. Бидејќи, како што нагласи, помеѓу самите винарски визби постојат трки за грозје.

– Претставници на винарници повикуваат лозари кои со трактори полни грозје се движат по улици, да го однесат родот токму кај нив, рече тој.

Аризанов соопшти дека во Кавадарци околу шест ипол илјади семејства аплицираат за субвенции по основа на лозаропроизводство. Многу помал е бројот на тие што живеат само од лозарство.

Тој сепак има забелешка околу тоа што при вака мали приноси на лозјата цената за килограм грозје останала иста со минатогодишната.

– На овој намален род мислам дека цената требаше да скокне барем за два до три денари за килограм. Иако баравме такво нешто, тоа не беше прифатено, нагласи претседателот на Регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија”.

Според него, било оставено винарските визби стихијно да ги решаваат проблемите.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close