Врнежлив и нестабилен викенд со услови за силно невреме и град
Локално се очекува ветер, а стабилизација и сончево време нè очекуваат дури во вторник и среда пред враќањето на дождот во четврток
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, а на повеќе места низ државата ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер со брзина над 50 километри на час. Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека локално процесите ќе бидат поинтензивни и ќе прераснат во силно невреме проследено со пообилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер со брзина од над 60 километри на час и услови за појава на град.


Утринските температури ќе се движат во интервалот од 8 до 17 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 20 до 28 степени.
Во Скопје и околината временските прилики ќе бидат слични, со променливо облачно и нестабилно време. Во одредени делови од скопската котлина се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер од северен правец, при што минималната температура ќе се спушти до 12 степени, а максималната дневна ќе се искачи до 24 степени.
Нестабилното време со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локално невреме ќе се задржи во текот на целиот викенд, а од понеделник ќе продолжи нестабилноста со изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Краткотрајна временска стабилизација се очекува во вторник и во среда кога времето ќе биде претежно сончево и релативно топло, додека в четврток повторно се најавува промена на временските прилики и нови врнежи.




