fbpx
Лов и риболов

Македонска пастрмка – Salmo macedonicus

Главата на македонската пастрмка и е прилично долга и зашилена, устата е длабоко всечена. Горната вилица е тесна и достигнува до под задниот крај на окото. Има двоен ред заби. Бојата на телото е карактеристична. Црвените флеки, овде отсуствуваат. Наместо нив, македонската пастрмка има темно црвени петна, густо расфрлени по телото, освен по грбот, каде што воопшто ги нема. Достигнува маса и до 3кг.

mak pastrm

Место на живеење, навики, начин на хранење и распространетост:

Македонската пастрмка е распростанета во студените планински потоци и реки со чиста, бистра вода, богата со кислород. За живот Македонската пастрмка бара песокливо и каменесто дно. Ги населува горното течение на реката Вардар со притоките од горното течение, потоа горните текови на притоките од средното течение на Вардар, реките: Треска со притоките, Лепенец, Кадина Река, Пчиња со притоките, Тополка, Бабуна со притоките, Брегалница со притоките. Извесно е и нејзиното присуство и во реките Бошава и Дошница.

Се храни со риби (особено покрупните примероци пастрмки), мегу кои преовладуваат видови кои ги населуваат пастрмските води, потоа ларви од водени инсекти, инсекти кои паѓаат во водата и што летаат ниско над неа, икра од други риби, жаби, полноглавци, црви и.т.н. Најмногу се храни во предвечерие, ноќе и во рана зора.

images

Размножување:

Половата зрелост настапува во третата или четвртата година, кај машките може во втората. Плодноста изнесува 1000 до 2000 зрна икра по килограм телесна маса на женката. За време на периодот на мрестењето се јавува полов диморфизам. Машките добиваат поинтензивна боја, кај постарите примероци долната вилица се издолжува и куковидно се извива нагоре (навнатре), додека женските имаат силно набрекнат стомак, а околу половиот отвор се забележува надуеност и зацрвенување. Кај машките тој отвор е во вид на, кон внатре, вдлабната цепнатина.

Македонската пастрмка се мрести обично во периодот ноември-јануари, а зависно од термиката на водата (настапување на зимата), може да биде и порано, односно подоцна. Икрата ја исфрла на плитки  места  со силно струење на водата и на песочно-каменеста подлога, во која женката претходно со опашката направила длапка (гнездо) со димензии 20-30 цм ширина и 15 цм длабочина.  Веднаш  потоа машката риба ја прелива икрата со млеч и по оплодувањето обете риби ја покриваат оплодената икра со камчиња за да ја заштитат од однесување од водата и од изедување.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close