ВестиЛов и риболовМакедонијаРурален туризамТоп вести

Кафеавата мечка-симболот на Пелистер

На Баба Планина се смета дека има од 25 до 35 кафеави мечки.

Кафеавата мечка е заштитниот знак на Националниот парк Пелистер. Таа тука е присутна од памтивек и овој парк е едно од последните засолништа на ова животно. Забрана за лов на мечката има од 1996 година, но тука тие се заштитени уште од 1948 година кога Пелистер е прогласен за национален парк. Големината на популацијата на Баба Планина се смета дека се состои од 25-35 единки. Бидејќи воглавно е активна во ноќните часови нејзината бројност со сигурност тешко може да се одреди.

Кафеавата мечка (Ursus arctos) е најголемото диво животно кое опстојува во нашата земја. Во минатото мечката била присутна насекаде низ државата. Денес за разлика од тогаш, единствено ги населува помалку пристапните планински предели низ државата. Ова се должи пред се на прекумерниот лов во минатото, како и узурпирањето на животниот простор од страна на човекот. Според некои неофицијални податоци, бројот на единки во државата изнесува од 150-200 кафеави мечки. Возрасна женка обично тежи од 90-150 кгм, додека мажјаците од 130-200 кгм. Според истражувањата, растителната храна во исхраната на мечката е присутна со над 85%, додека храната од животинско потекло составена пред се од инсекти е со учество до 15%.

Годините од минатиот век биле особено бурни за ова животно. Вообичаено е бројот на дивечот за време на војна да се зголемува, но за пелистерската мечка тоа не било така. За време на Првата светска војна на Пелистер се воделе крвави борби со присуство на голем број на војници. Директни последици од ова трпела и мечката. Во своите мемоари францускиот генерал Луј Франше Д,Епере раскажува за редовна обиколка на своја единица која била сместена во Науса (Грција). Таму пред објектот на неговиот подреден старешина се наоѓала млада мечка заробена на Пелистер. Таа врзана во синџири имала улога на куче чувар. На 05.04.1918 година, бугарски војник со име Ангел додека престојувал на Пелистер испратил фотографија со текст до своите синови во Бугарија. На сликата се гледаат група на војници со отстрелана пелистерска мечка. Во текстот тој објаснува дека поради голема глад биле приморани да ја одерат и изедат мечката. Тој исто така напоменува дека ова е втората мечка која ја снашла истата судбина.

Денес често се случува пчеларниците на Потпелистерските села да бидат цел на мечката како познат љубител на медот. И покрај ова, средбите на луѓето со мечка се многу ретки. Популацијата на кафеавата мечка денес е изложена на многу закани и опасности кои се предизвикани пред се од разни активности на човекот. И покрај строгите казнени одредби криволовот се уште е присутен надвор од националните паркови. Опасноста пред се доаѓа поради тоа што мечката се одликува со релативно низок природен прираст. Во нормални околности женките раѓаат секоја втора година и тоа од 1-3 мечиња. Мечката е диво животно што кај дел од народот предизвикува страв, но буди и позитивни чувства, пред се, кај децата, како популарно и симпатично животно.

Подготвил: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close